Грузија нема да го признае референдумот за соединување на Јужна Осетија со Русија


Грузија нема да ги признае резултатите од референдумот во Јужна Осетија за соединување на отцепениот регион кон Русија, изјави денеска претседателот на грузиската владејачка партија Грузиски сон – Демократска Грузија, Иракли Кобахинѕе.

– Имаме своја јасна политика и став. Секако нема да признаеме ниту една друга власт во Јужна Осетија, ниту резултати од избори и референдум за пристапување на Јужна Осетија во Руската Федерација, посочи Кобахинѕе.

Властите на отцепениот грузиски регион Јужна Осетија вчера соопштија дека на 17 јули ќе одржи референдум за соединување кон Русија.

Приклучување кон Русија побараа и сепаратистичките региони на Украина, Доњецк и Луганск.

Русија во 2008 година ја призна независноста на Абхазија и на Јужна Осетија.