Груби тврди дека во компаниите речиси сто отсто работат Македонци


 Првиот вицепремиер во Владата Артан Груби денеска изјави дека се формира работна група која ќе ги систематизира вработените по Рамковен договор, кои не се распоредени и оти се размислува за закон за овие лица.

– Тоа е дел од нашиот коалициски договор помеѓу ДУИ и СДСМ за систематизација на сите вработени по Рамковен договор по Програмата К-5 кои беа вработени низ годините за да се подигне адекватната и правичната застапеност на сите заедници не само на Албанците, туку и на Ромите, на Турците, па дури и на Македонците и на сите други заедници во институциите на државната администрација и во јавниот сектор. Договорот ќе го имплементираме, ќе ги систематизираме сите тие луѓе коишто сакаат да работат и коишто очекуваат да бидат систематизирани. Во моментов формиравме работна група за да ги анализираме нивните стручни подготовки колку имаме економисти, правници, ИТ-инженери, колку се со средно образовани за понатаму со МИОА да најдеме по систематизацијата што тие ја имаат за целиот јавен сектор да ги најдеме празните места, изјави Груби.

Тој не очекува овој процес да заврши до крајот на годината и според него, не е по нивна вина што тие лица седат дома, туку е комбинирано.

-Некои од институциите не прифаќаат. Имаме одлука за 700 вработени по К-5 Програмата да бидат систематизирани, многу институции одбиваа да ги прифатат. Разгледуваме можности за лек специјалист, посебен закон само за оваа категорија луѓе и се надеваме дека ако е тоа најдоброто можно решение за да се реши овој проблем, рече Груби, по посетата на компанијата „Бако“.

Во однос на предлогот за етничко субвенционирање на вработување во приватни компании, одговарајќи на новинарско прашање вицепремиерот рече дека нема донесено одлука за ваква мерка, туку дека само е отворена дебата во јавноста.

-Идејата беше не да се наметне вработување било на Албанци или на која било друга заедница, туку да се адресираат прашањата на еднаквост, на еднаквост не само во правата, туку и во обврските што ние би ги имале. Зошто да не се отворат сите тие компании за луѓе да аплицираат и за да има правична и адекватна застапеност насекаде низ општеството – да има правилен пристап за сите. Ако ја видите етничката застапеност во сите тие компании, па без малку би биле 100 отсто претставени само од македонската етничка заедница. Таму нема ниту Роми, ниту Турци, нема ниту Бошњаци, нема ниту Власи, ниту Срби, па ниту Албанци во некои од тие компании. И затоа велиме да имаме еднаков пристап дали тоа ќе биде преку субвенција, дали тоа ќе биде преку други форми на соработка со тие компании, посебно, на пример, не знам фаворизирање по преземање на соработка или аплицирање во државни фондови коишто би ги поддржале нив, рече Груби.

Во моментов, потенцира тој, не постои мерка, отворена е дебата за да се види како би било најдобро сите да се чувствуваме еднакви во нашето општество.

-Го сменивме насловот на принципот, на идејата за едно општество за сите во еднакво општество за сите, затоа што е битно за да биде едно општество мора првенствено да бидеме еднакви и во одговорности и во права – и Албанецот, и Македонецот и Турчинот, и Ромот и сите други. И со приватниот сектор ќе седнеме и ќе разговараме. Не зборуваме за да го вработи Артан затоа што е Албанец или вас затоа што сте Македонец или кој било друг. Зборуваме, ако се исто квалитетни луѓе, да ги исполнуваат сите законски услови и сите критериуми коишто се пропишани во огласот – да, да ги вработуваат луѓето и да им дадат шанса да ги покажат своите квалитети, рече Груби.