Груби – Кундурос: Северна Македонија заслужува датум за преговори со ЕУ
Првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците Артан Груби оствари средба со Русос Кундурос, новиот грчки амбасадор во Република Северна Македонија.
На средбата, како што соопштија од кабинетот на вицепремиерот, се дискутирало за унапредувањето на соработката во областите важни за граѓаните на двете држави, што се оценува дека се веќе во фаза на реализација, имплементацијата на Преспанскиот договор, политичките случувања во земјата и регионот, како и нашата европската интеграција.
Груби и Кундурос се согласиле дека Република Северна Македонија и Грција, преку пријателството и унапредувањето на нејзиниот дух, континуирано ја промовираат стабилноста на целиот Западен Балкан од кога се потпиша Преспанскиот Договор.
Грчкиот амбасадор Русос ја изразил поддршката на Грција за прогресот на интеграција на Република Северна Македонија кон Европската Унија.
На оваа средба се дискутирало и за пописот на население, наредните локални избори и продлабочувањето на економската соработка, со посебен акцент на полето на енергетика, гасификација.
Груби ја нагласил потребата на спроведувањето на Преспанскиот договор, како и подготвеноста на Скопје да го реши спорот со Република Бугарија без никакво одлагање.