Грковска е против изборот на обвинителот Љубомир Јовески за уставен судија
Вицепремиерката изјави дека била поразена како граѓанин немањето интегритет кај обвинителите да одлучуваат независно, па дури и дека се плашеле дури и при тајно гласање некој да не дознае како се изјасниле

Вицепремиерката за добро владеење, Славица Грковска, вечерва се дистанцираше од владиниот предлог државниот јавен обвинител Љубомир Јовески да биде избран за уставен судија, но нагласувајќи дека тоа е само нејзин личен став.
„Јас имам свој став околу предлогот за условно унапредување на републичкиот јавен обвинител за уставен судија. Јас не сметам дека треба да биде уставен судија“, рече Грковска во интервјуто за емисијата „Топ тема“ на Телма.
Таа образложи и зошто го мисли тоа: „Затоа што сметам дека она што како републички јавен обвинител требаше да го постигне на таа позиција, не го постигна. И не гледам причина зашто понатаму би имал можност да продолжи со кариерата како уставен судија. Јас си го кажувам својот личен став“.
„Изборот на шефот на Обвинителството за организиран криминал и корупција е сосема законски, но тоа што мене како граѓанин прво ме поразува, и ова отворено го кажувам, е немањето интегритет кај обвинителите да одлучуваат независно. Ние како Влада сме овозможиле предлог на закон кој што поминал во Собранието и со кој што се овозможило на тајно гласање обвинителите да го изберат првиот човек на обвинителството за гонење организиран криминал и корупција“, рече таа
За потоа да посочи до каде оди апсурдот на оние што треба да гонат криминали:
„И ние се доведуваме во ситуација, се соочуваме со обвинители кои се плашат, дека и покрај тоа што гласаат тајно некој може да дознае“
Грковска се изјасни за формирање на „коалиција на луѓе со интегритет во сите области, во сите институции, ако сакаме да имаме успех во борбата против корупција“.
Според неа, има некаква солидарноста внатре во судството и обвинителството и таа мора да престане. „Прво, заради самите судиите и обвинителите, на нив не им оди во прилог да се става дамка на сите нив, само заради неколкумина“.
Во интервјуто таа повика на индивидуална одговорност, „не прифаќам колективна одговорност. Ако сакаме подобрување на системот, на општеството во кое живееме мора да имаме индивидуална одговорност“, рече Грковска.