Грешката што го промени светот на технологијата: Јаху одби да го купи Гугл


Приказната за Јаху  и Гугл (Yahoo и Google) стана учебник за пропуштени можности во светот на бизнисот и иновациите. За само две децении, компанија што можеше да биде синоним за интернет стана потсетник дека во технолошкиот свет, успехот често зависи од еден единствен стратешки потег.

Во 1990-тите, на врвот на првата голема интернет револуција, глобалните технолошки компании се тркаа за онлајн превласт. Меѓу нив водечки беа Yahoo, Google и AltaVista, тогаш доминантните интернет платформи за пребарување кои веруваа дека ќе станат главна порта кон дигиталниот свет.

За време на студиите на Универзитетот Стенфорд, Лари Пејџ и Сергеј Брин, кои подоцна ќе го основаат Google, го развија алгоритмот PageRank – иновативна технологија што ги рангираше интернет страниците според релевантноста и поврзаноста со други извори.

Во тоа време, во 1998 година, тие им го понудија својот мал стартап на компаниите AltaVista и Yahoo – за само еден милион долари. Двете компании ја одбија понудата, убедени дека корисниците нема да ги напуштат своите веќе воспоставени платформи.

Милиони грешки и пропуштени шанси

Како што се покажа, одбивањето на таа понуда беше една од најголемите деловни грешки во историјата на технолошката индустрија.

Веќе четири години подоцна, во 2002 година, Yahoo се обиде да ја исправи грешката и понуди три милијарди долари за да го купи Google. Сепак, Google ја процени сопствената вредност на пет милијарди, па затоа договорот пропадна.

Денес, речиси четвртина век подоцна, Alphabet Inc., матичната компанија на Google, вреди повеќе од 3,4 билиони долари, додека Yahoo одамна се повлече од лидерската позиција што некогаш ја имаше.

Понудата на Microsoft исто така не успеа

Yahoo повторно имаше шанса да ја промени својата судбина во 2008 година, кога Microsoft понуди 44,3 милијарди долари за преземање – дури 62% повеќе од тогашната пазарна вредност на компанијата.

Менаџментот на Yahoo ја отфрли понудата, сметајќи дека таа „не го одразува вистинскиот потенцијал на брендот и неговата идна профитабилност“.

Се испостави дека и оваа одлука беше погрешна. Неколку години подоцна, Yahoo почна да губи пазарен удел и да потпаѓа под конкуренцијата на Google и Facebook.

Од гигант до бренд во сопственост на фонд

До 2016 година, Yahoo повеќе немаше сериозни инвеститори, па затоа беше продаден на Verizon за само 4,6 милијарди долари – десет пати помалку од сумата што некогаш ја нудеше Microsoft.

Потоа Verizon ги продаде Yahoo и AOL на инвестицискиот фонд Apollo Management за пет милијарди долари во 2021 година, а новите сопственици одлучија да го задржат препознатливото име – Yahoo.

Можно враќање?

И покрај сè, Yahoo повторно се споменува во технолошките кругови.
Според неколку меѓународни медиуми, од август 2025 година кружат гласини дека Yahoo, заедно со Perplexity и OpenAI, се меѓу потенцијалните купувачи на Google Chrome.

Доколку ова сценарио се оствари, тоа би било симболично враќање на компанија која некогаш ја пропуштила можноста на својот живот.