Грешката на Ворен Бафет од 10 милијарди долари: „Пресижн Кастпартс“

И Ворен Бафет прави грешки.
Деведесет годишниот милијардер во саботата призна дека „платил премногу“ кога неговиот „Беркшир Хатавеј“ потроши 32,1 милијарди американски долари во 2016 година за да купи производител на авиони и индустриски делови „Пресижн Кастпартс Корп“ (Precision Castparts), неговата најголема аквизиција.
„Беркшир“ отпиша 9,8 милијарди долари од вредноста на „Пресижн“ минатиот август, бидејќи пандемијата на корона вирус ја намали побарувачката за авио патувања и за производите на единицата со седиште во Портланд, Орегон.
Во своето годишно писмо до инвеститорите, Бафет рече дека купил „фина компанија – најдобра во нејзината деловна активност“, а „Беркшир“ имал „среќа“ што сеуште е на чело извршниот директор на „Пресижн“, Марк Донеган.
Но, Бафет рече дека тој бил „едноставно премногу оптимист во врска со потенцијалот за профит“ на оваа корпорација.
„Пресижн“ скрати повеќе од 13.400 работни места, или 40 отсто од својата работна сила, во 2020 година, и неодамна започна да ги подобрува маргините, соопшти „Беркшир“.
„Згрешив … во проценката на просечната сума на идна заработка и, следствено, погрешив во мојата пресметка за соодветната цена што треба да се плати за бизнисот“, напиша Бафет. „’Пресижн’ е далеку од тоа да е моја прва грешка од тој вид. Но, таа е голема“.
Пред две години, Бафет призна дека „преплатил“ за „Крафт фудс“ кога „Беркшир“ и приватната еквити фирма „3Г Капитал“ ја преземаа во 2015 година со нивниот „Х.J. Хајнц Ко“ за да ја формираат „Крафт Хајнц Ко“.
И во годишното писмо од 2008 година, Бафет го нарече неговото купување на „Декстер Чевс“ во 1993 година како „најлошата зделка“, велејќи дека купил „безвреден бизнис“, како и дека ја зголемил својата грешка со користење на акции на „Беркшир“ наместо готовина за финансирање на аквизицијата.
„Ќе направам повеќе грешки во иднина – можете да се обложите на тоа“, напиша тој.
Том Русо, долгогодишен инвеститор во „Беркшир“, ја поздрави искреноста на Бафет.
„Му се восхитувам на Ворен што презема лична одговорност за ‘Пресижн Кастпартс’“, рече тој. „Малкумина менаџери се подготвени да ја признаат својата одговорност наместо да ја префрлат вината“. (Ројтерс)