Грците доаѓаат на грчко гиро во Битола
БИТОЛА – Иако звучи по малку парадоксално, но Грците од северот на нивната држава веќе доаѓаат на грчко гиро во Битола. Познат угостител од Лерин, кај кого битолчани чекаат редици за да јадат гиро и други грчки специјалитети кога одеа на шопинг или прошетка во Лерин, сега отвори свој угостителски дуќан во новиот трговски центар „Блис“ на излезот од Битола на страната кон Прилеп.
Грците од Лерин, Кајлари, Костур, Кожани, Воден кои се оддалечени околу стотина километри од Битола нагрнаа на пазарување во трговскиот центар и на веќе испробано грчко гиро кај угостителот Павле, ама сега во Битола. Наскоро и втор угостител од Лерин која има кафетерија во Лерин покрај реката Сакулева (Јелешка река), го отвора своето кафуле во молот со брендирано кафе.
Отворањето на новиот трговски центар во Битола ги менува трговските и економски прилики на градот. Изградбата на трговскиот центар и до него новиот маркет на „Лидл“ кој треба наскоро да биде отворен, како и изградбата на втор трговски центар во градот во поранешната касарна веќе крои нова слика за Битола.
„Често во сабота доаѓаме во Битола на пазарување во чаршија и на главната улица, но сега стана поинтересно со новиот трговски центар каде може да се купи брендирана стока. Убаво е што тука го има и нашиот специјалитет – гиро, па не мора да одиме в град за да ручаме. Ме радува што гледам дека најголемата гужва е пред грчкото гиро, тоа значи доверба. Наскоро ќе пиеме и грчко кафе во Битола“, вели жителка на Лерин, која се претстави како Вула.
Новиот трговски центар во Битола е приватна инвестиција и во него веќе се сместија повеќе брендови присутни во големите молови во Скопје. Ова за битолчани и жителите од околните градови како Прилеп, Ресен, Охрид, Струга, Кичево… е нов момент во пазарењето и можност да го скратат патувањето и трошоците за гориво и патарина до Скопје. Пазарџиите велат Скопје и Солун се далеку, ама пак затоа Битола е блиску.
„Ние сме прилепчани, одевме до Скопје за брендирана роба или поретко до Солун, ама како велат до ‘Солуна сто сомуна’, овде во Битола ни е блиску, а има сѐ. Доаѓаме после работа и не мора да губиме цел ден во Скопје“, вели Рубин од Прилеп.
Она што посетителите на новиот трговски комплекс го сметаат за нерешен проблем е немањето доволно паркинг места, па автомобилите често ги паркираат и на несоодветни места по околните улици. Инфраструктурата се уредува од ден на ден.
Општина Битола изгради нова улица за потребите на комплексот „Блис“ и „Лидл“ што вклучи изградба на коловоз, улично осветлување, водоводна и канализациска мрежа.
„Претходно поради новата улица се направени измени и во самиот кружен тек, а се работи и на тротоарите околу кружниот тек. Изведувач на градежните работи е фирмата ‘Стентон градба’, а вредноста е во висина од 18,8 милиони денари“, соопштија од општина Битола.
Општина Битола по повеќе од 20 години веќе започна постапка за нов генерален урбанистички план на градот. (А.Б.)