Грција забрани да се градат нови патишта во Преспа
Грчката влада донесе строга одлука со која пошироката планинска област на Преспа е прогласена за „недопрена планина“. Иако одлуката се однесува само на грчкиот дел од регионот таа ќе предизвика построг режим на заштита на природните живеалишта во триграничниот појас меѓу Грција, Македонија и Албанија. Одлуката доаѓа во момент кога Преспа, и покрај постојните режими на заштита, сè почесто се соочува со притисоци од инфраструктурни интервенции.
Мерката ја потпиша грчкиот министер за животна средина и енергетика Ставрос Папаставру. Целта е да се засили институционалната заштита на подрачјата од мрежата „Натура 2000“ и видовите што живеат таму, додека не се одобри специјалната еколошка студија и не се утврдат трајните правила за користење на земјиштето и мерките за заштита.
Преспа на грчка страна е опишана како еден од најважните природни екосистеми на Балканот, со значајни типови живеалишта и комбинација од водни и шумски екосистеми со висока биоразновидност. Во официјалните соопштенија се нагласува присуството на ретки и ендемични растителни видови и диви животни како кафената мечка, волкот и дивокозата, како и голем број птици, додека водните живеалишта на Преспанските езера се клучни засолништа за ретки водни и крајбрежни птици, пишува порталот „Рацин“.
Клучната промена е што „недопрената планина“ практично треба да ја пресече логиката на нови патишта и вештачки површини што ги сечат екосистемите на парчиња. Во грчката рамка овој режим се врзува со концептот на „безпатни“ области, со дополнителен заштитен појас, каде се ограничуваат или забрануваат интервенции што го менуваат природниот карактер на просторот, токму затоа што фрагментацијата и промената на земјиштето се меѓу главните двигатели на губење биодиверзитет.
За регионот, одлуката има и поширок сигнал. Преспа одамна е препознаена како трансграничен екосистем во кој секоја национална мерка на едната страна има ефект врз целината: миграцијата на дивиот свет, водните режими и туристичкиот притисок не запираат на граница. Од грчкото министерство порачуваат дека не станува збор за декларативен потег, туку за институционална интервенција со долгорочно еколошко влијание, која треба да ја зајакне рамката за зачувување на подрачје со меѓународно значење.