Грција склучи воен договор со Израел вреден 1,68 милијарди долари


Израел ќе ѝ продаде на Грција и 10 авиони „аермаки М-346“ наменети за обука (Фото: Елбит)

Министерството за одбрана на Израел објави во вторникот дека грчката влада го одобрила договорот во висина од 1,68 милијарди американски долари за купување авиони за обука од Израел и за израелски одбранбен изведувач да основа летачко училиште за грчките воздухопловни сили.

Со договорот, кој сè уште мора да биде потпишан од министерствата за одбрана на двете земји, компанијата „Елбит системс“ ќе воспостави и ќе управува со училиште за обука на грчките воздухопловни сили. Договорот вклучува и продажба на 10 авиони „аермаки М-346“, во Израел познати како „лави“ и „Елбит“ да ги надгради и одржува грчките авиони за обука „Т-6“.

За време на ноемвриската посета на Кипар, израелскиот министер за одбрана Бени Ганц склучи договор со своите кипарски и грчки колеги за зајакнување на воената соработка. Трите земји воспоставија блиски врски во услови на регионална напнатост во Источен Медитеран околу правата за експлоатација на крајбрежен гас. (АП)