Чиста победа на Стефанос Каселакис на изборите за лидер на Сириза
Чиста победа на Стефанос Каселакис покажаа резултатите од гласањето со 75 отсто преброени гласови, на внатрепартиските избори за избор на нов претседател на главната опозициска партија во Грција, Сириза.
Според резултатите од 471 изборна единица од 537, Каселакис доби 56,69% од гласовите, додека неговиот конкурент Ефи Ахтисиоглу 43,1 отсто.
Во 21 часот по грчко време беа затворени избирачките места на кои се гласаше за избор на идниот претседател на Сириза. Рокот за гласање беше продолжен за еден час поради големите редови на избирачките места.
Се проценува дека гласале повеќе од 133.000 членови. Во првиот круг гласаа 149.000 членови, од кои 43.000 беа нови.
Двајцата кандидати во вториот круг беа поранешната министерка Ефи Ахтисиоглу и припадничка на левата струја во левичарската партија; и човекот што во последен момент упадна во претседателската трка директно од Флорида, грчкиот бизнисмен Стефанос Каселакис. Тој доби најмногу гласови во првиот круг – 46 отсто.
Каселакис во попладневните часови јавно ги критикуваше изборните комисии за изборни центри, повикувајќи се на стотици приговори.
Од изборот за наследник на Алексис Ципрас во многу нешта ќе зависи идната политичка траекторија на Сириза – дали ќе продолжи во стриктната левичарска политика или ќе го заземе полибералниот курс за кој се залага Каселакис.