Грчкиот Парламент даде зелено светло за Договорите за новите гранични премини кон нашата земја


Со гласовите од СИРИЗА, Река и Демократска алијанса, грчкиот Парламент ги изгласа нацрт законите од Министерството за надворешни работи на Грција за Договорите за отворање на нови гранични премини кај Маркова нога и Мајден меѓу Северна Македонија и Грција, јави дописничката на МИА од Атина.

Нова демократија, Златна зора и Сојуз на централисти беа против, додека пак Комунистичката партија гласаше воздржано.

За двата предлог закони, присутните пратеници во Парламентот, на две посебни електронски гласања, го изразија нивниот став, кој се броеше како став на партиите.

На гласањето му претходеше расправа што траеше околу час и половина. Во речиси празната сала на пленарната седница се обратија 10 пратеници од различни партии, а последна говореше алтернативната министерка за надворешни работи на Грција, Сиа Анагностопулу.

Рече дека со договорите се гледа практичната придобивка од Договорот од Преспа, истакна дека отворањето на граничните премини било барање на локалното население и уште еднаш категорично повтори дека без Договорот од Преспа и со претходната рамката што ги одредуваше односите на двете земји не можеше да се отворат граничните премини, бидејќи таа рамка беше истата со онаа од 1959 меѓу Грција и Југославија.

Пратениците во нивните петминутни обраќања ги изнесоа нивните ставови зошто ги поддржуваат или не двата договори за отворање на граничните премини.

Прв за збор се пријави одговорниот за надворешна политика во опозициската Нова демократија, пратеникот Јоргос Кумуцакос, но се премисли откако забележа дека се празни владините столчиња.

-Каде е владата? Каде е министерката?, праша Кумуцакос и рече дека ќе почека да дојде алтернативната министерка за надворешни работи, Сиа Анагностопулу.

Оној кој не сакаше да чека, беше пратеникот од Златна зора, Христос Папас, кој прв се обрати и објасни зошто тие се против договорот, велејќи дека „не постои држава со име Северна Македонија“.

Веднаш по Папас, се обрати надлежниот за надворешна политика во опозициската Нова демократија, Јоргос Кумуцакос и рече дека тие како партија не ги поддржуваат двата договори, истакна дека „билатералните односи со северниот сосед може да се развијат, тоа е прашање на политичка волја“ и додаде дека „институционалната рамка постоеше уште од Времената спогодба и постоеја на најмалку три меморандуми со практични мерки“.

-Лошо е што развојот на билатералните односи се поврзува со штетниот Договор од Преспа и секако влегува и една политичка тема – зошто сега? Што се случува? На неколку дена пред изборите, рече Кумуцакос и уште еднаш го повтори ставот дека владата се обидува да ја заглави Нова демократија.

Пратеникот од најголемата грчка опозициска партија истакна дека „Договорот од Преспа е и историски ќе остане, договор со слаб легитимитет, кој никогаш нема да го засакаат Грците“.

Јоргос Карас, пратеникот од Демократска алијанса рече дека со ладно и тешко срце, со вистинска загриженост, но со единствен критериум развој на добрососедските односи меѓу двете земји и економски развој на северна Грција, ќе ги поддржат двата договори и истакна дека тие како партија и понатаму сметаат дека договорот од Преспа е лош и неприфатен од Грците.

Пратеникот од Сојуз на централисти, Јоанис Саридис кој во говорот, за Договорот од Преспа го користеше терминот, „Договорот од езерото“, рече дека тие гласаат против предлог законите, бидејќи се поврзуваат со договорот кој тие од парламентот многу пати го имаат карактеризирано како штетен.