Границата за пензионирање – нагоре, надолу…


Фото: Б. Грданоски

Хрватска беше принудена да ја врати возраста за одење во старосна пензија од 67 на 65 години, откако референдумската иницијатива „67 е премногу“ собра над 700 илјади потписи.

Владата до хрватскиот Сабор упати измени на Законот за труд и на пет поврзани закони кои ја дефинираат возраста до која е можно работниците да останат на работа, како и измени на Законот за пензиското осигурување со кои освен тоа што границата за старосна пензија се враќа на 65 години, се намалуваат и пеналите за порано пензионирање.

Според министерот за труд и пензиски систем Јосип Аладровиќ, во целина се земени предвид предлозите на „67 е премногу“, уважувајќи го фактот дека неспорно се собрани доволен број веродостојни потписи.

– Почитувајќи ја волјата на над 700 илјади граѓани, ќе ги прифатиме предлозите изразени низ иницијативата за враќање на старосната граница за пензионирање на 65 години и на предвремено пензионирање на 60 години. Владата не се откажува од поттикнување на подолго останување во светот на трудот и подоцнежно остварување пензија. Секако, за оние што можат и сакаат да работат и по 65-годишна возраст, односно до 68 години, заедно со измените на Законот за пензиско осигурување, се предлага и измена на работноправните прописи во таа смисла – изјави Аладровиќ.

Министерот Аладровиќ појаснува дека на тој начин се ублажуваат негативните последици и се воспоставува своевидна рамнотежа меѓу барањата на граѓанската иницијатива и осигурувањето на долгорочна одржливост на пензискиот систем, како и на долгорочна адекватност на пензиите.

Со измените на законите се предвидува пропишаната старосна граница за престанок на договорот за работа од 65 да се покачи на 68 години, во старосна пензија наместо со 67 години живот и 15 години стаж да се оди со 65 години живот и 15 години стаж, а право на предвремено пензионирање со 35 години стаж наместо на 62 да се остварува на 60 години. На лицата со стаж од 41 година, пак, им се дозволува добивање старосна пензија на 60, наместо на 61-годишна возраст.

Наспроти тоа, кај нас се најавува укинување на законската можност по исполнувањето на условите за старосна пензија оние што сакаат да продолжат да работат. Премиерот Зоран Заев на една од партиските трибини викендов соопшти дека се подготвува нов закон за пензионирање, според кој нема да може пензионирањето да се продолжува до 67 години како што е сега.

– Носиме нов закон. Наместо како досега, со избор до 67 години да се оди во пензија, сега ќе се оди во пензија на 64 години, за да ослободиме места за младите луѓе – рече Заев. Тој додаде дека овој закон е веќе пуштен во процедура.

Старосната граница за одење во пензија во нашата држава е 62 години за жени и 64 години за мажи. Притоа, потребно е да се има работен стаж од најмалку 15 години. Со измена на овој закон пред неколку години беше дадена можност работниот ангажман да се продолжи. Искуството покажа дека оваа можност најмногу ја користат вработените во државната администрација, додека во приватните фирми голем број работодавци го игнорираат законот и работниците кои бараат да продолжат да работат ги праќаат во пензија.