Прва награда за Женскиот младински хор на маестро Сашо Татарчевски во Херцег Нови

Под водство на маестро Сашо Татарчевски, по вторпат годинава, Женскиот младински хор (ЖМХ) се враќа со највисоки награди од меѓународни хорски натпревари.
Како што информираат од МКЦ по освоената Гран При награда во Бугарија во јуни, ЖМХ се закити со прва награда и на интернационалниот хорски натпревар во Херцег Нови, Црна Гора. На фестивалот настапувале 29 хорови од повеќе европски земји од кои 24 учествувале во натпреварувачкиот дел. Нашиот хор се претставил на три фестивалски сцени, црквата Св. Јероним, салата „Парк“ како и на сцената „Под градскиот саат“ и на сите настапи предизвика овации кај публиката и останатите хорови учесници. Освен првата награда за хорот, маестро Сашо Татарчевски ја доби и специјалната награда од Жирито за најдобар диригент на фестивалот.
-Женскиот младински хор при МКЦ и во својата 53-та година од постоењето го потврди својот статус на континуирано квалитетен и највреден бренд на Младинскиот културен центар во Скопје, како и македонски културен амбасадор на меѓународната сцена. Ваквите врвни резултати се возможни само доколку се има институционална поддршка, односно, во случајот на Женскиот младински хор при МКЦ, колку поголема поддршка, толку побројни врвни резултати. Во оваа 2025 година редовната работа на ЖМХ, настапите низ нашата земја како и дел од претставувањата во странство ги поддржаа Министерството за култура и туризам и градот Скопје, наведуваат од МКЦ.