Граѓанските организации бараат објавување на договорот со Британија пред потпушувањето


Платформата на граѓански организации алармира дека договорот за заем меѓу Македонија и Обединетото Кралство е потпишан без јавноста навремено да ги добие сите информации и услови. Ова, велат, е повторување на случајот со унгарскиот заем и бараат јавноста да ги знае деталите пред, а не откако ќе се потпише договорот.

„Еднакво како што се јавува целосна транспарентност на трошењето на парите од оваа кредитна рамка, Владата требаше да обезбеди транспарентност и на процесот на преговарање и условите кои се вклучени во договорот што Владата го прифати на својата седница на 20 мај 2025 година и го потпиша на 22 мај во Лондон“, оценуваат невладините.

 Граѓанските организации истакнуваат дека транспарентноста е клучен принцип наведена и во Стратегијата за управување со јавен долг 2025-2027. Тие предупредуваат дека без јасни информации и јавна дебата, ризикот од тајно задолжување на државата и граѓаните е голем:

„Договори за стратешки партнерства со пријателски земји како што е Обединетото Кралство не смеат да се злоупотребуваат за тајно водење на преговори и задолжување на граѓаните под услови за кои тие претходно не биле информирани и ги немале потребните сознанија за да веруваат дека во нивно име е направен најдобриот избор“, стои во реакцијата.

Договорот со Обединетото Кралство е дел од голем пакет инвестиции вреден 6 милијарди евра, насочен кон инфраструктура, здравство и образование. Во првите пет години ќе се повлечат 2,2 милијарди евра за изградба на брза пруга од Табановце до Гевгелија и за изградба и доградба на неколку болници, здравствени домови и медицински факултет.

Сепак, експертите и јавноста бараат повеќе информации за условите, каматите и роковите за враќање. Властите тврдат дека условите ќе бидат поволни и дека проектите ќе придонесат за економски раст и развој. Овој договор е втор ваков меѓувладин кредит, по оној со Унгарија, кој предизвика критики за недоволна транспарентност.