Граѓаните пак ќе си играат лотарија со фискални


 

По пауза од пет години, на граѓаните повторно им се сервира наградна игра со фискални сметки. Власта практично го враќа на сцената проектот „Фискална во рака – награда без мака“, сега само ребрендиран во „Мој ДДВ, моја награда“, кој тогаш од позиција на опозиција жестоко го критикуваше.

Играта, која е планирано да започне на 25 ноември, повторно ќе ја спроведува Државната лотарија, како овластено трговско друштво во целосна сопственост на државата, во соработка со Министерството за финансии и Управата за јавни приходи. Засега е неизвесно кој сè ќе може да учествува во играта, со оглед дека во проектот на скенирање фискални сметки со цел поврат на 15 отсто од ДДВ нема ограничувања, па скенираат и деца до 15 години кои не може да учествуваат во наградна игра.

Предвидени се награди на дневно ниво, 15 награди на месечно ниво и две главни награди. Фондот е 31 милион денари и сите награди се парични. Играта ќе трае една година, идентично како и во времето на ВМРО-ДПМНЕ, кога беа доделени три стана, три дуќани и девет автомобили како главни награди, но и голем број вредносни ваучери од 3.000 до 60.000 денари. Вкупниот фонд беше сличен, околу 400.000 евра. За да учествуваат граѓаните требаше да соберат 20 фискални сметки, независно од вредноста која е на нив, како и на видот од стоката или услугата што ја платиле. Министерката за финансии Нина Ангеловска, убедува дека овој проект нема сличности со оној на ВМРО-ДПМНЕ, без да каже во што е разликата.

„Наградната игра „Мој ДДВ, моја награда“ е еден вид унапредување на мерката која до сега даде резултати. При креирањето на наградната игра тимот кој работеше ги зема предвид и многубројните предлози што пристигнаа од граѓаните. Задоволство ми е да ви кажам дека добар дел од нив ќе бидат и инкорпорирани во унапреденото решение. Исто така, беа земени предвид успешните најдобри практики од други земји. И не само тоа, туку одиме чекор повеќе и, покрај наградувањето, наградната игра има едукативни елементи кои ќе влијаат на финансиската писменост“, изјави министерката Ангеловска.

Апликацијата „Мој ДДВ“ има 200 илјади инсталации и на месечно ниво се скенираат над 7,5 милиони сметки од страна на над 150 илјади активни корисници кои скенираат. Министерката потенцира дека на крајот на годината преку оваа мерка кај граѓаните ќе бидат вратени три милиони евра за првите три месеци откако почната мерката.

Таа рече дека при креирање на новото решение се земени предвид искуствата од 10 земји, а го наведе примерот на Тајван каде што во 1951 година адресира сива економија со наградна игра и ја намалува даночната евазија за 75 отсто.

Според Ангеловска, важно е да се оди со наградување на граѓаните, а не со казнување.

„Да ги наградиме граѓаните што ќе учествуваат во борбата против сивата економија и кои со ова решение ќе имаат причина плус да ги скенираат фискалните сметки. Кога нема да добијат да побараат, кога нема да добијат да пријават, за УЈП да може да постапи. Мерката враќа пари кај граѓаните, ја зајакнува фискалната дисциплина и благодарение на технологиите ќе имаме и едукативна компонента во целото ова решение“, рече Ангеловска.

Иако законски нема ништо спорно во намерата на државата да го поттикне издавањето фискални сметки и згора на тоа и некои граѓани да се наградат со мали слатки награди, според стручната јавност игрите на среќа во ваков контекст, особено поддржани од државата како систем, може да се сметаат и како манипулација со човечките слабости.

И владата на ВМРО-ДПМНЕ предводена од азилантот Никола Груевски помпезно го најавуваше својот проект, но прашање е зошто ако е тој толку добар, како што тогаш властите се фалеа, траеше само една година, колку што ќе трае и овој на Владата на СДСМ. Дел од финансиските аналитичари сметаат дека акцијата во суштина не носи големи ефекти бидејќи најголемиот дел од сметките доаѓаат од големите продажни центри, а таму има фискални каси и тие 100-процентно го плаќаат данокот.

Ваков тип наградни игри не се новост – имало во Грција, Србија, Хрватска, БиХ, како и во Словачка, Грузија, но и во Кина, Тајван и во Сингапур. Различно било само името на играта, како и временскиот дијапазон. Во неделата во Република Српска беше доделен третиот стан во наградната игра „Десет сметки изброи и стан освои“. Добитникот беше извлечен од вкупно 1,5 милион пликови со фискални сметки што граѓаните ги испратиле. Извлекувањето на последниот четврти стан ќе биде на 13 октомври.

Во сите тие земји, исто како и кај нас, секогаш се отворала дебата – станува ли збор за популизам или, пак, во прашање е неможност на државата сама да се справи со наплаќање на даноците и обид да се поправи нешто во тој дел.

ВМРО-ДПМНЕ ја воведе лотаријата на крајот од 2013 година, само неколку недели откако беше одбиен предлогот на опозицијата граѓаните да можат да си повратат 15 отсто од сумата платена за ДДВ. Тогашниот лидер на опозицијата, сега премиер, Зоран Заев, рече дека контрамерката на власта е потврда дека има даночна евазија. За него тоа беше лошо решение од кое корист би имале малкумина, наместо сите граѓани, како што предлагаше опозицијата.

„Со наградната игра добиваат неколкумина, а со нашиот предлог за поврат на 15 отсто од платеното ДДВ добива секој. Јасно е дека најмногу пари трошат тие што и најмногу ги имаат, а денеска и врапчињата знаат дека сите пари се во власта. Така што и Сашо Мијалков и Никола Груевски ќе имаат можност да добијат ако го имплементираат решението на СДСМ“, изјави тогаш Заев. (Н.К.)