Граѓани се жалат дека и по петтиот ден од стартот на сезоната немаат затоплување


Иако грејната сезона почна до нашата редакција пристигнаа повеќе поплаки дека радијаторите на дел од корисниците и понатаму се ладни. Граѓаните се жалат на неажурност и потенцираат дека за реакција од надлежните биле приморни да пријавуваат неколку пати, и тоа повеќе жители од една зграда.

–  Бидејќи од првиот ден кога беше најавено пуштањето на парното немавме греење, веднаш во понеделникот почнав да пријавувам. Не известија дека имало некое протекување во зградата кое е веќе санирано пред шест месеци– вели еден жител на општина Автокоманда. Од лани, кога се изградија новите згради, веќе не добиваме топли радијатори како некогаш, а нема ниту преку цела ноќ, како што имаа до преклани. Од лани се жалевме до ЕСМ, ама никогаш не добивме одговор, вели нашиот соговорник.

Вообичаено е на почеток на грејната сезона да се појават проблеми кај некои корисници на парно. Сличен случај до нашата редакција пристигна од други жители на Аеродром, каде се случило дел од корисниците да немаат парно, а дел да имаат.

–  Иако пола зграда има греење, дел од нас немаа. Тек после третиот ден добивме парно, а проблемот го пријавуваше сопругот неколку пати во ЕСМ, но да се добие кај нив за пријавување дефект беше на моменти вистинска лотарија – вели оваа жителка на Скопје.

Од ЕСМ Снабдување со топлина посочуваат дека почетокот на грејната сезона секогаш се карактеризира со пропратни дефекти кои се случуваат и компанијата посветува посебно внимание за решавање на истите.

–  Екипите се на терен и делуваат согласно пријавувањето на граѓаните и приоритетот на проблемот. Се случуваат дефекти во три сегменти: дефекти на дистрибутивната топлификациона мрежа, дефекти во топлинските станици и дефекти на внатрешната инсталација на објектите (дефекти за чие решавање се одговорни потрошувачите согласно законот за домување). Дефектите на дистрибутивната топлификациона мрежа можат да бидат од мал и голем обем и за нивно лоцирање и санирање нашите екипи веднаш излегуваат на терен, се вклучуваат сите расположиви капацитети, работна сила и механизација со цел нивно брзо отстранување – посочуваат од ЕСМ Снабдување со топлина.

Од компанијата потенцираат дека поразличен тип на дефекти се дефектите на пумпите и опремата во топлинските станици, коишто се наоѓаат во објектите. Напоменуваат дека за отстранување на дефект во топлинските станици, особено важно е нашите екипи да имаат пристап во објектите и до топлинските станици, а пристапот е потребно да го обезбеди Управителот или Заедницата на Сопственици.