Градскиот воз тргна – ќе подзапрат ли возачите на автомобили на патните премини?
Со симобличното возење беше означено пуштањето на првата фаза од Градскиот воз од Зелениково до Скопје и обратно, што треба да сообраќа по осум пати во текот на денот.
Првиот воз од Зелениково ќе тргнува во 6:20 часот, а потоа ќе има поаѓања во: 8:30 часот, 12:26 часот, 14:00 часот, 16:25 часот, 18:30 часот, 20:12 часот и 21:55 часот.
Во обратен правец, од Железничката станица Скопје, првиот воз ќе тргнува во 5:32 часот. Следните поаѓања се во: 7:30 часот, 11:40 часот, 13:20 часот, 15:42 часот, 17:45 часот, 19:12 часот, 20:56 часот
Патувањето од Зелениково до Скопје ќе трае меѓу 24 и 28 минути, зависно од поаѓањето. Патувањето од Скопје до Зелениково ќе трае меѓу 24 и 26 минути. Возниот ред важи од 1 септември до 31 декември 2026 година.

Цената на билетот на Градскиот воз изнесува 40 денари во еден правец или 70 денари повратна карта.
Новата железничка врска е особено значајна за жителите на Зелениково, Орешани, Драчево, Лисиче и околните населени места кои секојдневно патуваат кон Скопје. Возниот ред треба да биде усогласен со работното време, училиштата и останатиот јавен превоз во Скопје, бидејќи токму поврзаноста на железницата со градскиот транспорт ќе одреди колку практична ќе биде оваа линија во секојдневието.
Зачестеноста на возови кои поминуваат по оваа пруга носи и ризици, затоа што голем број граѓани се навикнати да преминуваат преку пругата со други возила, кога рампите се спуштени или кога сигнализацијата покажува дека ќе помине возот.
„Јавно замолувам, целокупната јавност да се однесува максимално внимателно и да ја почитуваат сигнализацијата на патните премини. Вчера бевме сведоци, дека добар дел од граѓаните преминуваат и покрај тоа што сигнализацијата кажува да стопираат и да почекаат да помине возот“, рече Синиша Ивановски, директор на Железници Инфраструктура.
Тој информира дека и на сите железнички станици од Зелениково до Скопје ќе има паркинг за велосипеди за да се овозможи што поголем пристап за сите граѓани, со оглед на тоа, што дел од железничките станици не се во самото населено место, туку некои се оддалечени и до еден километар.
– Ова е почеток на реализација на една визија што треба да значи далеку поефикасен јавен превоз, поголема заштита на животната средина, намалување на загадувањето и поголема мобилност на жителите на градот Скопје и сите општини што гравитираат околу него – рече денеска вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски откако со градскиот воз, заедно со премиерот Христијан Мицкоски, раководствата на железничките претпријатија „Транспорт“ и „Инфраструктура“ и нивни вработени, придружувани од медиуми, пристигна во Скопје од железничката станица во Зелениково.

Со симобличното возење беше означено пуштањето на првата фаза од Градскиот воз, чија реализација, како што напомена Николоски, е доказ дека кога се има јасен план, концепт и визија, може да се рализираат проекти.
– Ова е доказ дека она што до пред две години се сметаше за заборавено и напуштено, а тоа е железничкиот превоз, повторно се враќа во живот. Ако до пред две години имавме целосно напуштени пруги, затворени железнички станици кои се распаѓаат, нефукнционални возови и локомотиви, денес имаме јасен и активен карго превоз, а од вчера имаме и Градски воз. Ветивме дека ќе почне на 1 септември и така се случи. Се надевам дека Градскиот воз ќе им помогне многу и на учениците и на средношколците, и на луѓето кои сакаат да дојдат до своите работни места и на пензионерите, рече Николоски.
Според директорoт на ЈП „МЖ Инфраструктура“ – Синиша Ивановски, денешното симоблично возење со Градскиот воз ја отсликува детерминираноста на Владата да иневстира во обновување на железничката мрежа.
– Од Зелениково до Скопје сега има 25 километри реконструирана железничка мрежа. На оваа фаза имаше бетонски прагови од 1959 – 1963 година, состојбата на пругата беше крајно незавидна и поради тоа бавно се возеше, дури и со само 20 километри. Во овој момент возовите без никаков проблем гравитираат со брзина од 80 километри на час, а некаде и со 100 километри на час, се стигнува од Скопје до Зелениково за неполни 25 минути. Од Центар до Зелениково има повеќе станици и постројки. Има и 11 патни премини – потенцира Ивановски.

Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски изрази надеж дека со иста динамика и олку брзо темпо ќе се реализираат и наредите две фази за поефикасен транспорт во градот.
-Ова е една од алтернативите во транспортот која треба граѓаните да ги извади од автомобилите. Втората фаза е модернизацијата на ЈСП Скопје за која е веќе завршена постапката и потпишан е договорот. За многу скоро ќе стигнат новите 100 автобуси. Третата фаза е реализација на проектот БРТ и таму е финиширано се. Во наредните 10 дена ќе се распише тендерот за избор на оператор. Брзо се движиме, брзо се модернизираме и како Град Скопје имаме силна поддршка од Владата, рече Ѓорѓиевски.