Градоначалниците од ВМРО-ДПМНЕ се жалат на централната власт, некои ќе ја чекаат идната влада за да ги реализираат проектите


(Фото: ВМРО-ДПМНЕ)

Градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ на денешната партиска дебата на тема „Локален економски развој“ која е во рамки на настанот „Важно е! Платформа за иднина“ што е дел од кампањата „Важно е! Од тебе зависат промените“, истакнаа дека и без потребната поддршка од централната власт изминатиот период реализирале голем број на проекти.

Градоначалникот на Бутел Дарко Костовски истака дека до следната пролет ќе реализирале 100 проценти од програмата предвидена за секое населено место.

-Околу илјада луѓе посетивме дома пред изборите и заеднички ја проектиравме нашата програма која што се состои од два дела, а тоа е еден дел со носечки проекти кои што ги има 11 на број и вториот дел за секое населено место посебно ко што слободно можам да речам дека во 90 отсто се реализирани. Некаде првото тромесечје од пролетта која што доаѓа ќе биде 100 проценти, зборувам за оној втор дел,  а во однос на носечките проекти од 11, седум се или завршени или веќе започнати од коишто 4 се директно врзани да ги реализираме со централната власт за коишто сум сигурен дека барем три од тие четири ќе завршат до крајот на мојот мандат и со тоа можеби ќе добиеме една реализација од 100 отсто или близу 100 проценти што е навистина е нешто што ме прави мене горд и секако и мојот тим, а се надевам и граѓаните на општина Бутел, рече Костовски.

Тој додаде дека голем број на проекти зависат и од централната власт, но од самиот почеток било јасно дека не можеле да сметаат на таа поддршка.

Градоначалникот на Општина Илинден, Александар Георгиевски рече дека општината прераснала во една од најбрзорастечките општини и дека покрај немањето поддршка од централната власт, во изминатите две години биле реализирани многу проекти.

Тој посочи дека кога дошол на функција го затекнал буџетот на општината во минус.

-Кога почна економската криза само во тој дел кај Јавното комунално претпријатие за водовод имавме криза каде месечните износи за електрична енергија која требаше да ги плаќа претпријатието беа поголеми од  вкупниот приход на претпријатието. Во такви ситуации, во ситуации на голема инфлација без поддршка од централната власт и со затечена каса во минус Општина Илинден изминатиов период од две години покажа и докажа дека е една од најбрзорастечките општини, кажа Георгиевски.

Градоначалникот на Општина Петровец, Борче Митевски од своја страна посочи дека со средства од буџетот на Општина Петровец, без ниту еден денар од централната власта, изградиле општинска зграда, пешачка и велосипедска патека, улици, водоводи, канализации.

-Ние сме една од општините која не доби ниту денар средства од централната власт, а сите добро знаеме дека целиот патен сообраќај до Аеродром Петровец се одвива преку населеното место Петровец. Секој период од денот е преоптеретен со возила, истакна Митевски.

Тимчо Муцунски, градоначалникот на Општина Аеродром рече дека со проектот на идната влада на ВМРО-ДПМНЕ за реалокација на средствата од централниот буџет кон локалната власта ќе има 100 процентна реализација на програмата до 2025 година.

-Една од првите чекори кои ги преземавме заедно со претседателот на Советот, Дејан Митески е за градоначалникот и претседателот на Советот за првпат од постоењето на Општина Аеродром да нема средства за репрезентации, да нема средства за патни трошоци, да нема користење на службено возило, да нема користење на службен мобилен телефон, бидејќи сметам дека такви чекори праќаат сигнал до граѓаните, дека промените се случуваат во културата на однесување кон институциите, порача Муцунски.

Тој додаде дека укинале осум маркици на локации каде што веќе имало повисок степен на урбанизација, и сите тие места ќе ги претворел во парк, додавајќи дека на локацијата Реонски центар Аеродром каде што требаше да бидат изградени три објекти, во моментот се изведувал парк од над 6.000 метри квадратни.

Бобан Стефковски, градоначалникот на Општина Гази Баба информира дека има 420 реализирани и почнати проекти и дека немало место во општината каде не било инвестирано во делот на образованието или спортот.

Стефковски истакна дека општината ја затекнал во катастрофална ситуација.

-Во 21 век имаше проблеми како недостаток на вода за  пиење, фекална канализација или асфалт и од првиот ден се работи на решавање на овие проблеми. Ќе продолжиме со оваа динамика за жителите од руралниот дел на Гази Баба да ги немаат овие проблеми кои ги имаа години наназад. Сериозно се посветивме на патната инфраструктура, за две години име асфалтирано улици во вкупна површина од 29.000 метри квадратни, во скоро сите населени места, соопшти тој.

Градоначалникот на Општина Кисела Вода, Ѓорѓиевски рече дека реализирал над 90 проценти од програмата или над 600 проекти.

Ѓорѓиевски додаде дека е горд што во неговата општина сите населени места веќе ќе ги имаат основните хумани услови за живот.

-Во рамки на акцијата за реконструкција и за рехабилитација на нашите улици сакам да истакнам бројка на поплочени павер елементи или асфалтирани улици во должина од над 44 километри за само две години на територија на општина Кисела Вода. Ние имаме реализација на над 90 отсто од програмата или тоа се над 600-тини проекти реализирани за само две години“, нагласи тој.

На дебатата присуствуваше и лидерот на ВМРО=ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.