Градоначалниците во Скопје се договорија што ќе работат во следниот период


По подолго време, конечно денеска се одржа седница на Координативното тело на градоначалници, со која сите градоначалници во Скопје ќе се договорат за координирани акции со цел подобро живеење во главниот град.

„Денес, во просториите на Град Скопје ја одржавме првата седница на Координативното тело на градоначалници, по повеќе од три години застој.Ова е нов почеток, пракса што повторно ја воспоставуваме за да има ред, координација и вистинска работа меѓу сите скопски општини“, објави градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски.

Тој порача дека заедно со колегите градоначалници, заеднички ќе го креираат Буџетот, ќе ги решаваат старите проблеми, ќе ги спречуваат новите и ќе отвораат пат за проекти кои му носат корист на секој скопјанец.

„Сакам да ја информирам јавноста и за состојбите во градот, за критично лошата финансиска состојба и нефункционални јавни претпријатија“, вели Ѓорѓиевски и додава дека сега ситуацијата е под контрола.

Набројува дека исчистени се дивите депонии – и големите, но и оние на микролокациите, дека претпријатијата кои со месеци немаа земено плата се консолидирани, со исплатено здравствено и пензиско осигурување.

„Паралелно започнавме тендерски постапки за низа проекти кои ги ветив во програмата како што се „Лимак“, кружниот тек во Ѓорче Петров, стабилизација на притисокот на вода во високите зони, како и многу други проекти кои директно го подобруваат секојдневието на граѓаните“, вели Ѓорѓиевски, а одобено му е драг проектот луна-парк.

„Почнуваме постапка и конечно, после децении, нашите деца ќе добијат место за радост и игра. Нешто што ние и нашите генерации долго го очекувавме“, додава тој.

Најави и дека со силно темпо започнуваат и со отстранување на времените објекти што го узурпираат јавниот простор.
Ветува дека повеќе нема да дозволат тротоарите да бидат паркинзи, а пешаците да ризикуваат живот низ улиците и булеварите.