Градоначалниците на Гази Баба и на Кисела Вода се откажаа од службени возила


Градоначалниците на Гази Баба и на Кисела Вода кои на изборите победија во прв круг, денеска соопштија дека се откажуваат од косиртење службено возило, а тоа го ставаат на располагање на администрацијата.

Градоначалникот на општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, нема да користи службен автомобил и се откажува од средствата за репрезентација, информираат од општината.

Тој вели дека ќе се води строга контрола на сите службени возила и нивната употреба ќе биде наменска, рационална и исклучиво во корист на граѓаните, а средствата од репрезентација ќе бидат пренаменети за реконструкција на образовни објекти и детски игралишта.

– Никој повеќе нема право да ги злоупотребува службените возила во приватни цели.

Од денес, клучевите на сите службени возила ќе бидат под строга контрола и ќе се користат исклучиво во корист на граѓаните, доста беше од бесцелно трошење на парите на граѓаните, изјавил градоначалникот, пренесуваат од општината.

Претходно, и градоначалникот на Општина Гази Баба Бобан Стефковски во објава на својата официјална страна на социјалните мрежи ја информираше јавноста дека се откажува од користење на службено возило како и од трошење на средствата во буџетот наменети за репрезентација.

„Ја инфорами јавноста дека како градоначалник на Општина Гази Баба се откажувам од користење на службено возило и истото го давам на користење на администрацијата со цел поефективно вршење на работите во интерес и за граѓаните на Општина Гази Баба. Истовремено се откажувам и од трошење на средствата во буџетот наменети за репрезентација.
Парите во буџетот се на граѓаните и истите треба да се трошат единствено за реализација на проекти за подобрување на животот на граѓаните”, вели градоначалникот Стефковски.