Арсовска се откажа да оди на уште еден мандат во Скопје, многу ја блокирале
Нецела година пред локалните избори, градоначалничка на Скопје Данела Арсовска изјави не размислува да се кандидира и по втор пат. Во изјава за медиумите таа рече дека повеќе не сака да работи со луѓе за кои рече знаат само да саботираат и да блокираат.
Според Арсовска, она што се случува во градот Скопје и во Македонија е „едно крајно поларизирана атмосфера од политичките елити кои во овој момент делуваат во рамки на државата“.
„Би сакал да им посакам барем еднаш да докажат и да покажат прво пред граѓаните дека она што го говорат ќе можат да го реализираат за на следните избори да имаат поддршка од нив во рамки на она што досега сме го виделе, а не верувам дека некој ќе мисли дека е тоа така. Јас кога се кандидирав како градоначалник ја имав поддршката од страна на ВМРО-ДПМНЕ, кое за жал не успеа да се надмине себе си, односно неговото раководство. Суетите се преголеми за да дозволите некому да работи без да му кажувате што и како да прави“,
рече Арсовска на денешното примопредавање на шест нови еколошки автобуси на компримиран природен гас за возниот парк на ЈСП „Скопје“.
На новинарско прашање дали последните случувања околу ЈСП „Скопје“, кога владата донесе одлука да му се позајми нафта на претријатието за автобусите да можат да возат уште седум дена, на некој начин е отпочната кампањата за локалните избори, Арсовска рече дека не сака да навлегува во политичките агенди и позадината на сето тоа.
„Граѓаните верувам оти се доволно паметни и ќе можат да проценат кои се оние што можеа да го решат овој проблем во изминатите три години. Ако некој кажува дека следната година, по локалните избори, ќе го реши овој проблем, прашајте го зошто не го решил до сега. Советот е оној што можел оваа одлука да ја донесе пред три, две години и зошто не ја носи треба да ги упатите како прашања кај нив“, рече Арсовска.
Таа додава дека набавката досега би била реализирана доколку градот можел да направи јавна набавка и да функционира активно без Советот.
„Треба да се запрашате зошто сега се најавува кога истиот тој господин, истите тие луѓе, можеа тоа да го направат и пред точно три години“, додаде Арсовска.
Недоразбирањата меѓу Арсовска и ВМРО-ДПМНЕ почнаа во 2022 година кога градоначалничката го разреши тогашниот директор на јавното претпријатие „Водовод и канализација“, а сегашен актуелен министер за локална самоуправа Златко Перински. Арсовска тогаш го обвини Перински за несоодветно постапување во тендерска постапка. Потоа следеа низа оставки и разрешувања, а ВМРО-ДПМНЕ отвори целосен фронт против Арсовска и преку Советот ги блокираше речиси сите нејзини иницијативи.