Градежните работи за брзата пруга на Коридорот 10 се очекува да почнат следната година

Градежните работи за брзата пруга на Коридорт 10 се очекува да почнат следната година, а да биде готова и пуштена во употреба за пет-шест години заедно со реконструираната Железничка станица во Скопје и железничкиот крак од оваа станица до Меѓународниот аеродром Скопје. Паралелно со тоа МЖ Транспорт ќе треба да направи набавка на нови возови и локомотиви.
– Како временска рамка целта е кога ќе се пушта целосно реконструираната Железничката станица во исто време да се пушти сообраќајот од оваа станица до Скопскиот аеродром и во слично или исто време да биде ставена во употреба брзата пруга на Коридор 10 од Србија до Грција. Добро е овие три работи да бидат во исто време, изјави денеска Синиша Ивановски, директор на МЖИ Инфраструктура, кој со деканите на Градежниот и Архитектонскиот факултет најавија активности за обнова на Железничката станица во Скопје и за санација на железницата на Коридорот 10.
Како што појасни, проектот за реконструкција на Железничката станица ќе се изработува најмалку една година по што ќе следуваат активности за обезбедување финансии и градежни работи, односно се очекува да заврши за пет-шест години.
– Ако завршиме со проектот за една година, година и половина, потоа финансирањето ќе биде или со државниот Буџет, или со заем од класичните заемодаватели, како ЕБРД, ЕИБ, комерцијалните банки, но не е исклучена можноста да влезе во стратешкото партнерство со Велика Британија со кои ќе правиме многу капитални инфраструктурни проекти. За пет до шест години од денеска во исто време да бидат готови и брзата пруга и кракот до Скопскиот аеродром и да имаме целосно реконструирана станица. Можеби во овој момент делува апстрактно, но верувајте со сите сили работиме паралелно на сите проекти. Дотогаш заедно со Градежниот факултет ќе направиме Коридорот 10 да биде во многу подобра и побезбедна состојба, рече Ивановски.
Тој потсети дека во Министерството за транспорт е завршена постапката за избор на изведувач на потребните студии и идејниот проект, кои што би требало да бидат готови за девет месеци. После тоа, појасни дека се активира заемот со избраната банка што ќе биде за целиот заем, по што следува процес за избор на изведувач согласно правилата со Договорот со Велика Британија.
– Брзата пруга на Коридорот 10 ќе биде двоколосечна. Постоечката траса ќе ја задржиме, со тоа што ќе се трудиме секаде каде ќе има големи кривини да бидат исправени поради тоа што со кривини не можеме да постигнеме голема брзина. Најголем дел од постоечката траса ќе биде задржана, а со студиите што сега се работат ќе се види каде точно ќе се наоѓа новата траса која ќе се трудиме да биде што поблиску и паралелно со постоечката траса. Ако рокот за завршување на сите студии е отприлика околу девет месеци, до основен проект, а потоа и избор на изведувач, некаде во 2026 година би имало реални градежни активности на траса, а уште есенва ќе стартуваат геолошки и геомеханички и друг вид испитувања, рече Ивановски.
Како што нагласи, Железници Транспорт го следи целиот процес и паралелно како што ќе има нови пруги ќе има и набавка на нови локомотиви и возови согасно барањата од регулативата на Европската Унија.
Градежниот факултет Скопје ќе има задача на железничкиот Коридор 10 да направи целосна реконструкција и рехабилитација на елементите на пругата, како и санирање и јакнење на мостовските конструкции, на свлечиштата и потпорните ѕидови.
Деканот на овој факултет Јосиф Јосифовски вели дека веќе се екипирани и се на терен, истакнувајќи оти има решение за проблемите и претстојната санација.
Многу е значаен овој почеток бидејќи сакаме да бидеме дел од паневропската мрежа на која припаѓаме. Со овој проект ќе ги обезбедиме условите и стандардите што важат во сите европски земји. Имаме капацитет да одговориме на задачата, рече Јосифовски.
Според него, се работи за сериозен план во кој ќе се организира принципот на работа онака како што заговарале долго време дека треба да се работи кај нас – да претходат подготвителни работи и физибилити студии што ќе укажат точно на финансиите и на обврските што ги имаме.
– Сакам да обрнам внимание дека нам ни е потребна и постојната железничка линија што ја имаме, таа може да се користи во најмала рака за тежок сообраќај и индустријата, додека брзата пруга ќе си има додадена вредност. Градежниот факултет веќе е екипиран, излезени сме на терен, ги знаеме проблемите, ќе се одвиваат сегментно во фази, уште веднаш ќе се почне со полесните задачи. Не можеме да ја затвориме имаше некое такво прашање. Нормално, не можеме да ја затвориме, но ќе најдеме начин како да ги разрешиме проблемите и да успееме успешно да ги санираме објектите, изјави Јосифовски.