Градежна компанија во Грција пријавила приход од само три евра, а со агенција за недвижности прикриле над три милиони евра


 Со помош на современи дигитални алатки, инспекторите од Независната управа за јавни приходи на Грција (ААДЕ) откриле нов случај на затајување данок, односно непријавени приходи во вредност од 3,1 милион евра кај градежна компанија и агенција за недвижности, додека официјално пријавениот бруто приход изнесувал само три евра, јави дописничката на МИА од Атина.

Градежната компанија и агенцијата за недвижности се од Кикладските острови, пријавениот приход се однесувал на 2024 година, а случајот бил откриен по насочени вкрстени проверки и детална анализа, кога се утврдиле сериозни отстапувања во даночните пријави на двете компании, со очигледна намера за прикривање приходи.

Поконкретно, како што соопштија од ААДЕ, истрагата започнала кога инспекторите откриле недвижнини објавени на веб-страницата на агенцијата за недвижности како веќе продадени, по што ја посетиле агенцијата. ги побарале соодветните документи и утврдиле дека голем дел од провизиите не биле пријавени.

Агенцијата за недвижности првично поднела даночна пријава со бруто приходи од еден милион евра и загуба од 257.000 евра, а по контролата, компанијата доставила коригирана пријава, во која приходите речиси двојно се зголемиле на 1,9 милиони евра, а наместо загуба биле пријавени добивки од 229.000 евра.

Дополнително, инспекторите откриле дека голем број од продажбите биле поврзани со иста градежна компанија.

– Ја проверија даночната пријава и со изненадување утврдија дека градежната компанија пријавила бруто приходи од само … три евра и загуба од 47.000 евра! По контролата, компанијата мораше да поднесе коригирана даночна пријава, при што приходите се зголемија на 2,2 милиони евра, а добивката на 615.000 евра, соопштија од Независната управа за јавни приходи на Грција.

Додадоа дека продолжуваат деталните контроли на финансиските податоци на двете компании.