Град Скопје да го среди данокот на имот, застаруваат милиони евра приходи, порачаа државните ревизори

Од вкупните побарувања, 296 милиони денари или 22 отсто се побарувања од над 10 години, 475 милиони денари (35,2 отсто) се побарувања од над пет години и 577 милиони денари (42,8 отсто) се незастарени побарувања


Фото: Б. Грданоски

 

Бројни забелешки на сметка на Град Скопје искажаа државните ревизори во најновите извештаи за направената ревизија во оваа единица на локалната самоуправа а кои се однесуваат на работењето за 2021 година. Најмногу се однесуваат на данокот на имот, како и дека поради застареност пропаѓаат милиони евра од оваа давачка, која е основен извор на приходи за оптштините и за Градот.  

Неусогласеност на сметководствената со даночната евиденција и неажуриран регистар на недвижен имот; неутврдена старосна структура на побарувањата по основ на даноци на имот и комунални такси и непреземени мерки за нивна навремена наплата; Не оставраување приходи по основ на надоместоци за одржување на јавно градско зеленило и одржување на јавната чистота се само дел од конечниот ревизорски извешта на Државниот завод за ревизија во кои предмет се финансиските извештаи и усогласеноста за 2021 година. Од страна на ревизорите исто таака е изразено неповолно мислење за реалноста и објективноста на финансиските извештаи, како и за сметаката на основниот буџет (630) за минатата година и за усогласеноста со законската регулатива, упатства и воспоставени политики.

Што конкретно откриле ревизорите?

Меѓу другото, дека крајот на минатата година во сметководствената евиденција биле искажани побарувања во вкупен износ од речиси 1,75 милијарди денари или околу 28,4 милиони евра, од кои 77 отсто (1,35 милијарди денари) се однесуваат на побарувањата по основ на данок на имот и комунална такса за фирма, односно назив на деловна просторија.

Со извршениот увид во евиденцијата на побарувањата и нивната наплата ревизијата констатирала неусогласеност на сметководствената со даночната евиденција, бидејќи не се водела сметководствена евиденција на побарувања по основ на данокот на промет на недвижности во износ од 234 милиони денари и побарувања по основ на данок на наследство и подарок во вкупен износ од 45 милиони денари.

Потоа, било утврдено дека од вкупните побарувања 296 милиони денари или 22 отсто се побарувања од над 10 години, 475 милиони денари (35,2 отсто) се побарувања од над пет години и 577 милиони денари (42,8 отсто) се незастарени побарувања.

„За истите градот нема утврдено старосна структура и дали постои законска можност за нивна наплата согласно одредбите од член 360 од Законот за облигациони односи и член 84 и 85а од Законот за даноците на имот, каде е уредено дека правото на утврдување и наплата на данокот застарува за пет години по истекот на годината во која требало да биде утврден, односно правото на утврдување и наплата во секој случај застарува по истекот на десет години од истекот на годината во која данокот требало да биде утврден и наплатен“, констатираа ревизорите.

Исто така, тие посочуваат и дека при наплата на данокот на имот не се пресметува и наплатува камата за данокот кој не е платен во пропишаниот рок, односно камата се пресметува само за предметите за кои има присилна наплата, што не е во согласност со член 79 од Законот за даноците на имот.

Побарувањата по основ на надоместок за утврдување на правен статус на бесправно изградени објекти, пак, се евидентираат на денот кога се наплатени, а не во периодот на нивното настанување, што не е во согласност со член 2 од Законот за сметководството на буџетите и буџетските корисници и не обезбедува објективност, сеопфатност, ажурност и точност на искажаните побарувања.

„Ваквото постапување има влијание на реалното прикажување на побарувањата во финансиските извештаи, а не преземените мерки за навремена наплата има за ефект намалени приходи по основ на даноците на имот“, се вели во ревизорскиот извештај.

Во врска со утврдувањето и наплатата на даноците на имот, ревизорите посочуваат дека се обврска на администрацијата на градот Скопје за подрачјето на општината каде што се наоѓа имотот. Притоа, приходот остварен по основ на најниска даночна стапка за данок на имот, данок на наследство и подарок и данок на промет на недвижности се распределува во сооднос 50 отсто за градот Скопје и 50 отсто за соодветната општина во градот Скопје.

Но, од извршениот увид во доставената документација поврзана со утврдувањето на данокот на имот во Град Скопје ревизорите утврдиле дека не се врши целосно ажурирање на воспоставениот регистар на недвижен имот каде даночните обврзници кои се стекнале со дополнителен или нов имот (утврдување на правен статус на бесправно изградени објекти, новоизградени објекти, корисници, плодоуживатели на истиот) не се соодветно задолжени со данок на имот од денот на стекнување или користење на имотот, а поради невоспоставена соработка со НБРСМ и КИБС регистарот не располага со податоци за трансакциски сметки на даночните обврзници.

Понатаму, дека Правилникот за унифицирање на цените на градежното и земјоделското земјиште и зоните на населени места на подрачјето на Град Скопје согласно Методологијата за процена на пазарна вредност на недвижен имот не е усвоен од страна на советот, а во делот на зонирањето , не се утврдени улиците во населените места во зоната во која припаѓаат.
Исто така, ревизорите констатирале дека при заверка и одобрување на купопродажните договори недостига доказ за извршена уплата на данокот на промет, додека при администрирање на наследните решенија и договорите за подарок од прв наследен ред не се врши проценка, односно ревреднување на пазарната вредност на имотот што е предмет на наследство или подарок.

„Ваквите состојби имаат за ефект нереално остварени приходи по основ на даноци на имот во буџетот на Град Скопје и буџетите на општините во градот Скопје“, се вели во ревизорскиот извештај.

Притоа, се додава дека во текот на ревизијата од страна Градот Скопје биле преземени мерки и спроведени се активности како што е давање согласност на Правилникот за унифицирање на цените на градежното и земјоделското земјиште и зоните на населени , потоа на координативното тело на градоначалници на општините во градот Скопје бил донесен заклучок сите општини до секторот за даноци на имот и комунални такси на Град Скопје да ги достават сите решенија за стекнување на правен статус на бесправно изградени објекти за последните 5 години; за предметите за данок на наследство и подарок од прв наследен ред отпочнати се активности за репроценка на пазарната вредност на имотот што се наследува, а даночните наследници се задолжени со данок на имот по спроведена проценка, согласно методологијата.

Исто така, при заверка и одобрување на купопродажните договори, кај данокот на промет воведена е контрола на уплатата од две меѓусебно независни лица. Во извештаите на ревизорите се наведуваат и повеќе други забелешки, како и насоки што да се преземе за да се надминат овие состојби.