Преспанско Езеро зголемено за 14 сантиметри


Од почетокот на 2021 година, Преспанско Езеро се зголемило за 14 сантиметри и сега е на ниво 842.36. Веста за зголемување на нивото на езерото, на Фејсбук ја сподели градоначалникот на Ресен Живко Гошаревски.

„Секторот за животна средина на Општина Ресен, по извршените мерења ме информира дека од почеток на оваа година нивото на Преспанско Езеро се зголеми за 14 см, односно, сегашното ниво е 842.36. Тоа е добра вест, во година кога треба и институционално да започнат голем број активности за спас на нашето езеро“, информира Гошаревски.

Минатиот месец, преспанскиот регион го посети премиерот Зоран Заев кој соопшти дека Владата обезбедила првични 80 милиони денари за ревитализација на езерото, чие ниво беше многу намалено во однос на поросекот.

На 30 декември 2020 година, водостојот на Преспанското Езеро беше понизок за 1,52 метри во однос на повеќегодишниот просек за тој месец, со што за 50 сантиметри го имаше надминато апсолутниот минимум, покажаа мерењата направени од Управата за хидрометеоролошки работи.