Горан Столевски со „Нема да си сама“ е австралиски кандидат за „Оскар“

„Нема да си сама“, дебитантскиот долгометражен филм на австралиско-македонскиот режисер Горан Столевски е австралиски кандидат за најдобар странски филм за Оскар. Столевски е роден во Македонија, но живее и работи на релација Австралија-Велика Британија.
По сценарио на Столевски, дејството во филмот се случува во изолирано планинско село во Македонија во 19. век и следи млада вештерка која е оставена сама во шума. Љубопитна како е да се живее како човек, таа случајно убива селанка и го зема нејзиниот облик. Во филмот играат шведската актерка со холивудска кариера Номи Рапас, и македонските глумици Сара Климоска, Верица Недеска и Камка Тоциновски. Во продукција на „Козвеј филмс“ на Кристина Кијтон и Саманта Џенингс, се снимаше во Србија, а Македонија нема никава врска со филмот оти не доби поддршка на конкурсот на Агенцијата за филм.
По премиерата на Санденс, угледниот холивудски сајт „Вараети“ го вклучи меѓу десеттемина најнадежни режисери за 2022. Во август излезе неговиот втор филм насловен „Of an Age“ , снимен во Австралија, додека истовремено во Македонија го снимаше неговиот прв македонски филм „Домаќинство за почетници“.
Столевски на Санденс 2018 победи за најдобар краток филм со „Види ја ти неа“, а во 2020 во првиот рок на Конкурсот на Агенцијата за филм беше поддржан со 21.5 милиони денари (350 илјади евра) за македонското деби „Домаќинство за почетници“ .
Македонски кандидат за „Оскар“ е „Најсреќниот човек на светот“ на Теона Струга Митевска.Во конкуренција за кандидатурата беа и филмовите: „Снежана на крајот умира“ во режија на Кристијан Ристески, „Кајмак“ во режија на Милчо Манчевски и „Мими“ во режија на Даријан Пејовски.
Кандидатите за „Оскар“ во категоријата најдобар странски филм треба да бидат прикажани во киносала меѓу 1 јануари и 30 ноември 2022, а потесната листа од 15 кандидати ќе биде објавена на 21 декември. Листата на петте номинирани филмови ќе биде објавена на 24 јануари 2023, а 95-то доделување на „Оскарите“ е закажано за 12 март 2023 во киносалата „Долби“ во Лос Анџелес, САД.
Минатогодишен победник во оваа категорија беше „Вози ја мојата кола“ на Рајусоке Хамагучи од Јапонија.