Голоб ги отфрли обвинувањата од кривичната пријава дека се мешал во работата на словенечката полиција


Словенечкиот премиер Роберт Голоб денеска ги отфрли обвинувањата за мешање во работата на полицијата, откако беше објавено дека против него е поднесена кривична пријава.

Тој рече дека верува во владеење на правото, па на обвинувањата кои целосно ги отфрла ќе одговори преку правниот процес, пренесува словенечката новинска агенција СТА.

– Не станува збор за мешање во работата на полицијата, туку за политичка борба на „навредената политичарка“, која (поранешната министерка за внатрешни работи) Татјана Бобнар ја води од нејзината оставка пред две години, рече Голоб.

Тој изјави дека верува во владеење на правото и оти ќе одговори на обвиненијата и ќе ги отфрли по правни средства.

– Исто така верувам дека, исто како и во случајот со обвиненијата за мешање во апсењето руски шпиони, кои се покажаа како измислици и лаги, ќе можам да ги отфрлам обвинувањата и во други случаи, рече тој како одговор на новинарски прашања дали поради пријавите ќе преземе политичка одговорност.

Голоб рече дека Бобнар е таа што уште пред изборите, додека работела во полиција, побарала контакт со него, два пати самоиницијативно дошла кај него и му зборувала за список на „јаншисти“ што ќе го исчисти од полиција, доколку добие можност да стане министерка. Тој додаде дека таа добила мандат од него.

Телевизија Словенија вчера објави дека полицијата, која ги истражува тврдењата на поранешната министерка за внатрешни работи Бобнар за мешање на премиерот Голоб во полициската работа, поднела кривична пријава против него.

Специјализираното државно обвинителство потврди дека примило пријава, но не е сосема јасно за какво кривично дело се товари.

Адвокатот на Голоб, Стојан Здолшек денеска за СТА изјави дека ниту тој не бил официјално информиран за тоа бидејќи пријавата е доставена до обвинителството, а пријавените не се информирани за тоа.

Предистражната постапка се водела поради обвинувањата на Бобнар дека Голоб наводно барал да бидат сменети или отпуштени поединци во полицијата во замена за враќање на неговата доверба.

По нејзината оставка на крајот на 2022 година, Бобнар пријавила обвиненија за политички притисок врз полицијата до Комисијата за спречување на корупцијата и до Обвинителството.

– За да останам министерка, некој ќе мораше да остане без работа, рече таа подоцна пред собраниската истражна комисија.

Адвокатот на Голоб Здолшек рече дека тоа се индивидуални изјави и дека на едната страна се Бобнар и нејзините обвинувања, а на другата страна е премиерот кој ги негира обвинувањата.

Појасни дека во сегашната фаза пријавата нема правни последици. Обвинителството може да ја отфрли пријавата, може да бара дополнување од полицијата, може да поднесе барање за судска истрага, а може да поднесе и директно обвинение, додаде тој.