Големите авиокомпании откажуваат летови и ги менуваат авионите поради 5Г мрежата


Авиокомпаниите побрзаа да се реорганизираат или да откажат летови до САД поради загриженоста за безбедноста на летовите, по веста дека AT&T и Verizon денеска ќе започнат со воведување на безжична мрежа 5Г, иако двата оператори најавија дека ќе ја одложат таа активност во некои области.
Американската федерална управа за воздухопловство (FAA) предупреди дека сигналите 5Г може потенцијално да влијаат на инструментите за висината на летот, што имаат клучна улога во слетувањето на некои модели на авиони при лоши временски услови, а авиокомпаниите велат дека предупредувањето првично се однесува на моделот Боинг.777.

И покрај најавата на AT&T и Verizon дека ќе го одложат  воведувањето на 5Г мрежата во близина на аеродромите, некои авиокомпании ги откажуваат летовите или ги менуваат моделите на авиони што беа планирани на линиите за САД, пренесува Ројтерс.

Доцна синоќа, ФАА започна со ажурирање на податоците за тоа кои аеродроми и модели на авиони ќе бидат засегнати, што се очекува драматично да го намали влијанието на претходните речиси  1.500 известувања издадени од овој регулатор во врска со ограничувањата на 5Г мрежата.

Авиокомпанијата „Емирати“ од Дубаи, која најмногу користи Боинг 777 во светот, објави дека од 19 јануари, датумот објавен за воведување на безжичната мрежа 5Г во САД, ќе ги прекине летовите до девет американски дестинации.

Ќе продолжат летовите на „Емирати“ до аеродромите во Њујорк „Џон Фицџералд Кенеди“, Лос Анџелес и Вашингтон.

Две големи јапонски авиокомпании, All Nippon Airways и Japan Airlines, објавија дека ќе ги ограничат летовите со Боинг 777. Нипон додаде дека го откажуваат или менуваат типот на авион што го користат на некои летови до САД.

Кореа ерлајнс соопшти дека ги заменил авионите Боинг 777 и 747-8 со други американски модели на шест американски патнички и товарни летови, тајванската авиокомпанија Чајна ерлајнс објави промена во распоредот на некои летови, а Катај Пацифик ервејс од Хонг Конг соопшти дека ќе користи различни типови на авиони доколку е потребно.

Сите споменати авиокомпании во своите образложенија наведоа дека одлуките ги донеле реагирајќи на најавата на Боинг дека 5Г сигналите може да го попречат работењето на инструментите за височина на моделот 777.