Голема Албанија на фестивал на МРТ
Емитувањето на детска музичка изведба на каналот Македонска радио-телевизија (МРТ2) предизвика реакции во јавноста, откако во рамките на детски фестивал била прикажана песна со наслов „Тројет шкиптаре“ („Албански територии“) и знамиња на Голема Албанија.
Настанот се случил вчера претпладне, околу 11 часот, кога во програмата на албански јазик на МРТ било емитувано музичко видео во кое настапува тринаесетгодишно девојче. Во изведбата, детето било облечено во маица со карта што се поврзува со концептот на т.н. „Голема Албанија“, додека во текстот на песната се споменуваат пораки за обединување на албанските територии.
Дел од јавноста реагира дека ваквата содржина може да се протолкува како промовирање територијални претензии кон повеќе држави во регионот, вклучително и Македонија, Србија, Грција и Црна Гора.
Засега нема официјална реакција од раководството на јавниот сервис во врска со содржината, ниту дали ќе биде покрената постапка за утврдување одговорност.
Изведувач на песната е 13-годишно девојче, кое за време на настапот носи маица со мапа што во јавноста се поврзува со концептот на т.н. „голема Албанија“, што дополнително ја засили дебатата околу пораките што се пренесуваат преку јавниот сервис.
Во текстот на песната се пеат стихови: „Летај, летај, Албанијо, летај, знамето наше се издигнува над земјата“, по што следува порака за обединување: „Ќе дојде ден кога сите ќе бидеме заедно, зашто сме еден народ, еден сон, една цел“. Песната завршува со мотиви за слобода и опстојување, со порака дека народот ќе живее слободно.
Визуелниот дел со мапата на т.н. Голема Албанија, која опфаќа делови од Македонија, Србија, Грција и Црна Гора, предизвика особени реакции бидејќи ова е емитувано на државната телевизија на Македонија. Емитувањето на ваков настап на јавен сервис ја отвори дилемата за границата меѓу културен израз и политичка симболика, особено кога станува збор за програма во која учествуваат деца.