Голем протест во Москва, приведени над 100 лица


Десетици илјади луѓе се собраа денес на протестот на опозицијата во Москва на една од главните градски авении. Овој пат властите го одобрија митингот за разлика од претходните два викенди, кога не беа дозволени.

Руското Министерство за внатрешни работи процени дека на авенијата „Сахаров“ имало 20.000 луѓе, додека невладините организации наведоа бројка од 49.000 учесници, пренесоа руски медиуми.

Протестот се одржа во знак на поддршка на независните кандидати на кои им е забрането да учествуваат на изборите за градската управа на Москва.

Опозициската активистка од партијата на Алексеј Навални, Љубов Собол, на Твитер напиша дека е уапсена во пресрет на митингот.

Западните агенции објавија дека има повеќе приведени демонстранти во Москва. „Ројтерс“ објави дека вкупно 113 лица се приведени на митингот на опозицијата.