Голем пожар со силен ветер му се заканува на Пелистер од страната на Преспа
Пожар засилен со силен ветер му се заканува на Националниот парк „Пелистер“ од страната на Преспа. Ситуацијата е алармантна потврдува за „Независен“ командирот на Притивпожарната единица од Ресен, Мута Таировски.
Командирот Таировски вели дека пожарот започнал од страната на Долна Бела Црква со опожарена смрека, нискостеблеста шума и даб, во правец кон патот за Претор, и за многу брзо време заради силниот ветер што го зафатил овој крај пожарот да напредува кон Националниот парк „Пелистер“.
„Огнот брзо напредува, имаме луќе на терен, но немаме секаде пристап оти огнот се шири на места каде што нема патишта во шумата. Во моментот сме екипирани со 4 возила и 12 пожарникари од Преспа, тука се вработени од Националниот парк ‘Пелистер’ и од Македонски шуми, како и вработени од Дирекцијата за заштита и спасување. Гори борова шума и ситуација е серизона за што веќе имаме најава за помош со ер трактори“, ни изјави командирот Таировски.
Според директорот на НП „Пелистер“ Иванчо Тошевски пожарот избувнал пред 15 часот во близина на границите на паркот од преспанска страна.
„Во моментов пожарот е навлезен и во Националниот парк помеѓу подножјето на врв Вртушка и врв Мала Чука. Екипи на НП ‘Пелистер’ во соработка со екипи на ТППЕ Ресен и Битола делуваат на терен со цел на локализирање на пожарото. Механизација од јавни претпријатија од Битола веќе е упатена кон пожарот со цел да даде поддршка“, изјави Тошевски за „Независен“. (А.Б.)