Голем пожар кај Мостар, гори отпад, се шири црн чад (видео)
Поради големиот пожар на местото за отстранување на отпад во близина на Мостар, кој ги зафати и службените простории и местото за отстранување на гуми, квалитетот на воздухот е сериозно загрозен, па затоа градските служби издадоа предупредување до граѓаните и им препорачаа да избегнуваат престој на отворено.
Пожарникари од Мостар со неколку возила, припадници на вооружените сили на Босна и Херцеговина со цистерни го гаснат пожарот од утрово, а во гаснењето од воздух беше вклучен и авионот „Ер Трактор“.
Градот Мостар предупреди дека материјалите горат во подлабоки слоеви на депонијата, па густ чад со нездрави честички се шири кон населбите.
Potpuna apokalipsa u #Mostar pic.twitter.com/o948RgiQee
— Bljesak.info (@Bljesak) June 22, 2026
На граѓаните им се препорачува да не излегуваат доколку не мораат, да избегнуваат сите активности на отворено во пошироката близина на депонијата и да ги затворат прозорците и вратите на куќите и становите. Посебна претпазливост се препорачува во текот на ноќта и наутро, кога чадот се спушта поблиску до земјата поради временските услови.
Gori Uborak #pozar #deponija #mostar pic.twitter.com/xWhrm9wpgu
— Bljesak.info (@Bljesak) June 22, 2026
На граѓаните во близина на депонијата им беше советувано и да не користат вода од отворени бунари и извори додека надлежните санитарни и епидемиолошки служби не потврдат дека е безбедна за употреба.
Пожарот избувна рано утрово. Во текот на денот, се прошири на магацинот и другите деловни објекти на депонијата. Исто така, го зафати и магацинот со стари гуми. На местото на пожарот се слушнаа и експлозии, за кои локалните медиуми објавија дека доаѓаат од цилиндри за гас.
Сите вработени на депонијата се евакуирани. На местото на настанот пристигна и градоначалникот на Мостар, Марио Кордиќ, а федералното Министерство за животна средина и туризам побара да се преземат сите мерки за намалување на последиците врз луѓето и животната средина.