Голем пораст на поддршката на граѓаните за влез во ЕУ; ново истражување
Според истражувањето на Социетас цивилис поддршката за влез во ЕУ сега е 71 отсто, што е драматичен отклон по повеќегодишното намалување
Најновите истражувања на Институтот за демократија Социетас цивилис покажа дека, по долги години пад, расте поддршката на граѓаните за влез во Европската унија. Со оглед на тоа дека расте и евроскептицизмот, ваквиот раст на поддршката се должи на пресвртот кај неопределените и апатичните.
Според директорот на Социетас цивилис, Марко Трошановски, во истражувањето направено во ноември лани дури 71 отсто од граѓаните дале поддршка за ЕУ, што е скок од речиси десет отсто, и во најголем дел таа разлика се должи на сменетото расположение во македонската заедница. Истражувањето беше претставено денеска во Собранието.
ЕУ континуирано се гледа како најдоверлив партнер на Македониј, сега и поради неизвесната политика на САД. Сѐ повеќе граѓани ја перцепираат Македонија како земја која припаѓа на Западот, особено по дилемите изминативе години за вртење кон исток, т.е. за барање алтернативи во евентуално Русија или Кина.
Се намалува и процентот на граѓаните кои сметаа дека Македонија направила доволно и дека веќе не треба да прави ништо при што тука е забележан пад од осум отсто, но и натаму опстојува на исто ниво отпорот кон уставните измени. Трошановски ги нарече нереални очекувањата дека ќе се смени условот за уставни измени и ги повика партиите да работат веднаш на реформите.
„Немаме повеќе изговори за одредени законски решенија. Ова е нашата единствена домашна задача. Сѐ друго е потрошен живот и потрошена политика“, рече Трошановски, заклучувајќи дека од статус-квото губат и двете страни и никоја ништо не добива, а пред сѐ губат нашите граѓани. Затоа, оцени Трошановски, време е да подадеме рака на бугарскиот сосед, да ги уважиме нивните интереси и да побараме решение според европските стандарди.

Според истражувањето, поддршката за ЕУ расте и меѓу членовите на ВМРО-ДПМНЕ што веројатно се должи на нивното доаѓање на власт. Еве ги телеграфски кажано најважните наоди на истражувањето што Институтот за демократија го спроведува секоја година од 2014 наваму.
- 71% од населението поддржува членство во ЕУ, што е за речиси 10% повеќе во споредба со претходната година
- Евроскептичните ставови се зголемени и ги дели 14% од населениетo
- Бројот на неопределени и апатични испитаници значително се намалил во изминатата година
- Долготрајната разлика во поддршката за членство во ЕУ меѓу двете најголеми етнички групи – етничките Македонци и етничките Албанци – е намалена. Така 71% од етничките Македонци ја поддржуваат кандидатурата на државата за членство во ЕУ, што претставува зголемување од 15% во споредба со претходната година
- 40% од населението смета дека државата е подготвена да стане земја членка
- Малку над 60% од населението верува дека во изминатата година е остварен напредок во процесот на пристапување
- 46% од населението смета дека опструкциите од соседните држави се најголемата пречка за напредокот на Северна Македонија кон членство во ЕУ
- Бројот на испитаници кои веруваат дека државата ќе стане членка на ЕУ во наредните 3 до 5 години се зголемил и во 2025 година изнесува 30%
- Релативно висок процент од населението (19%) останува песимистичен во однос на перспективите на Северна Македонија за членство во ЕУ
- 60% од испитаниците сметаат дека членството во ЕУ не би го запрело трендот на иселување на младите
- Граѓаните остануваат поделени во однос на следните чекори во процесот на пристапување во ЕУ. Најголемиот дел (27%) претпочита повторно преговарање на преговарачката рамка („Францускиот предлог“), додека 24% ја поддржуваат промената на Уставот
- Поддршката за уставните измени останува стабилна во период од три години (20–24%), што укажува на долгорочна конзистентност во ставовите
- Поддршката за промена на преговарачката рамка е повеќе од двојно зголемена од 2023 година (13% -> 27%), што одразува растечка фрустрација од надворешните услови, а не од самата Европска унија.
- Јавното мислење е длабоко поларизирано по етничка линија: 57% од етничките Албанци ги поддржуваат уставните измени, наспроти само 11% од етничките Македонци.
- Сѐ поголем дел од граѓаните (51%) сега ги гледаат преговорите со ЕУ како процес на унапредување на законодавството и стандардите – зголемување од 33% во 2024 година, што укажува на созреано разбирање на техничката природа на пристапувањето.
- 40% од граѓаните поддржуваат полноправно членство во ЕУ, додека 29% се залагаат за постепена интеграција која би завршила со членство во рок од 10–15 години. Дополнителни 19% ја поддржуваат фазната интеграција без непосредно членство
- Оптимизмот во однос на подготвеноста на ЕУ за проширување до 2030 година повторно се зголемил и се вратил на околу 50%, по падот на 33% во 2024 година — што укажува дека граѓаните силно реагираат на политичките сигнали од ЕУ
- Податоците од повеќегодишното следење покажуваат дека перцепциите за влијанието на САД се зголемиле за приближно 6% од 2024 година, продолжувајќи го трендот на гледање на Соединетите Американски Држави како клучен надворешен фактор на влијание.
- Европската унија и понатаму конзистентно се перципира како еден од највлијателните и најдоверливите партнери, задржувајќи ја својата позиција во категоријата „најдобар сојузник“ низ годините.
Евроамбасадорот Михалис Рокас, кој беше присутен на презентацијата на резултатите, беше охрабрен од зголемената поддршка за евроинтеграцијата во земјата бидејќи, како што оцени, тоа им дава индикација каде сака да оди земјата. Тој го потенцираше како охрабрувачки и фактот дека поддршката за ЕУ расте кај младите, дека се намалува разликата меѓу етничките заедници во однос на ова прашање, дека ЕУ се гледа како доверлив партнер на Македонија, како главен економски партнер и главен донатор и дека граѓаните веруваат дека земјата ќе се движи кон членство.
Тој, сепак, забележа дека 60 отсто од граѓаните тука сметаат дека земјата прави прогрес – иако ЕУ не вели така во последниот извештај. Проблем за него беше исто така што граѓаните и натаму главните пречки за членството ги гледаат надвор место внатре. Тој нагласи дека сите европски лидери порачале дека вратата е широко отворена за нови членки и дека ја поддржуваат Македонија, така што важно е земјата да се обедини и да ги засили реформите, по што според него сите проблеми што ги гледаме сега за процесот за пристапување ќе бидат надминати.
Со оглед на геополитичките промени и нарушениот меѓународен поредок, тој смета дека ќе станува се поважно кој е доверлив партнер нагласувајќи самоуверено дека тоа е ЕУ, по што посака подобри резултати оваа година, но не само во анкетите туку и во реалноста.
Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ посочи дека не сите наоди се позитивни и дека 36 отсто од граѓаните како проблем на евроинтеграцијата ги гледаат соседните земји, а 60 отсто дека влегувањето во ЕУ нема да го намали иселувањето од земјата, па порача дека освен стандарди ЕУ треба да има и стратешка визија што е од заедничка корист за земјите членки и за нас кандидатите.

Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, беше загрижен за антиевропските потези на власта во време кога проширувањето има голема шанса. Тука ги наброја влошувањето на односите со Грција од страна на власта што, како што оцени, не е во дух на пристапувањето кон ЕУ, континуираното влошување на односите со Бугарија со непримерни изјави, „српскиот свет“ за што рече дека не е негов став туку на ЕП, резолуцијата во Собранието со која се бараше од опозицијата да внимава што зборува и неспроведувањето на реформите околу кое рече дека не се носат ни закони, ни патокази. Притоа ги отфрли критиките дека СДСМ не била конструктивна посочувајќи на Законот за енергетика кој бил усогласен меѓу оваа партија и владејачката, за во Собранието да дојде со изменет член и спротивен на препораките на ЕУ.
„Не можат да се маскираат веќе работите, да се подгрева евроскептицизмот кај граѓаните. Не може се нас учителката да нѐ мрази. Власта е одговорна за процесот и не може да ги префрла обврските на други“, рече Филипче, нагласувајќи дека едно е да се „следи“, а друго е да се „води“ (државата) и дека одговоена влада е таа што носи храбри одлуки. Како илустрација посочи дека во 1990 година огромен број од граѓаните тука биле за останување во бивша Југославија но сепак Македонија стана независна и дека да беше похрабра власта во Букурешт, сега немаше да ги има овие условувања од Бугарија. Како проблем тој посочи и тоа дека една третина од медиумите во земјата се контролирани од лица блиски до унгарскиот претседател Виктор Орбан и шират евроскептицизам во земјата.

Германската амбасадорка Петра Дрекслер ги нарече гигантски пресврт со многу импликации наодите на Институтот, порачувајќи дека како партнери треба да се потсетиме што ја прави нашата заедничката сила, па ги посочи – безбедноста, конкурентноста и просперитетот. Таа притоа нагласи дека перцепциите се важни, но важни се и интерпретациите, па ги повика тие што се одговорни за кроење политика во државата да изберат свој пат напред во интерпретацијата на наодите.
Миле Бошков од Конфедерацијата на работодавачите забележа дека истражувањето требало да го вклучи и влијанието на корупцијата на евроинтеграцијата, а во контекст на протестот на камионџиите деновиве изјави дека од 2023 година барале да се искористат капацитетите на нашата надворешна политика за да се најде решение, но нашите преставници, дипломати или функционери, не стапиле во контакт со авторитетите на Европската комисија. Затоа тој побара странските амбасади во земјава да помогнат со обезбедување на одредени системи за евиденција тука.