Голем интерес за субвенции за инвертер клима-уреди – рокот за аплицирање до 5 октомври

Голем интерес за субвенциите за набавка на инвертер клима-уреди што ги доделува Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини. Според податоците на институцијата, заклучно со 12 септември годинава пристигнале вкупно 3.954 апликации во рамки на Програмата за заштита на ранливи потрошувачи на енергија.
Од нив, 2.375 апликации се поднесени од домаќинства со ниски приходи, а 1.579 од домаќинства во кои единствен приход е пензија.
Министерството ги информира граѓаните дека се уште има можност да се аплицира – рокот е до 5 октомври 2025 година. Граѓаните кои припаѓаат на ранливите категории и кои ги исполнуваат условите, можат да поднесат апликации до овој датум.
Апликациите може да се поднесат преку архивата на Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини или онлајн преку официјалната веб-страница: www.energy.gov.mk.
Министерството ги повикува сите граѓани кои ги исполнуваат условите да ја искористат можноста и да аплицираат до истекот на рокот.
Кој може да аплицира?
• Домаќинства со ниски приходи, чиј вкупен нето месечен доход во 2024 година не го надминувал:
➢ 25.000 денари за едночлено домаќинство
➢ 31.000 денари за домаќинство со два члена
➢ 37.000 денари за домаќинство со три члена
➢ 43.000 денари за домаќинство со четири и повеќе члена
• Домаќинства во кои единствен приход е пензија, а вкупниот нето месечен доход во 2024 година не го надминувал:
➢ 15.700 денари за едночлено домаќинство
➢ 19.800 денари за домаќинство со два члена
➢ 23.700 денари за домаќинство со три и повеќе члена
Едно лице може да поднесе само едно барање за едно домаќинство.
Правото на инвертер клима уред не може да го остварат домаќинства кои во изминатите 5 години користеле субвенција за набавка на клима уред или печка на пелети, како и оние кои имаат приклучок на систем за централно греење.
За оваа мерка се издвоени 170 милиони денари. Средствата ќе бидат искористени за набавка и вградување на инвертер клима-уреди со моќност од 3,5 kW и енергетска класа А+, кои ќе се инсталираат директно во домовите на корисниците.
Со оваа програма, Министерството ја потврдува својата посветеност на подобрување на енергетската ефикасност и намалување на енергетската сиромаштија во земјата.