Годинава ожнеани над 280.000 тони пченица, речиси доволно за домашните потреби, вели Трипуновски


Со преку 280.000 тони пченица од годинашново производство, речиси ги задоволуваме домашните потреби и годинава нема потреба да зависиме од увоз, изјави во Прилеп министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски, кој денеска присуствуваше на манифестацијата „Млеко 2025“.

Годинава се зголемени површините со пченица и родот е квалитетен и доволен за домашните потреби.

-Со добриот квалитет, со квантитетот што го постигнуваме, Македонија ќе застане на сопствени нозе, нема потреба да зависиме од увоз на пченица од соседните држави или од други земји, туку, нашите земјоделци ќе произведуваат за нашите преработувачки капацитети. Министерството и Владата се на располагање, овие квалитет и квантитет да ги отсликаме за наредната, 2026 година, рече Трипуновски.

Според Министерот Трипуновски, сериозно добриот квалитет на пченицата  е прифатлив за мелничко-пекарската индустрија, а и стоковите резерви се од домашна пченица.

-Оваа година имаме сериозно добар квалитет, кој е прифатлив за нашата мелничко пекарска индустрија и тоа значи дека нема потреба повеќе оваа година да бидеме зависни од увоз. Направивме напори стоковите резерви да ги полниме со домашна пченица, а за наредната година ќе интервенираме токму во жетвата кога ќе се учествува во регулација на откупната цена, рече Трипуновски.

На прагот на есенската сеидба ќе се настојува да се задржат годинашниве квалитет и квантитет на пченицата. Ќе претстојат низа средби со земјоделците.

– Планиаме одредени модификации за ова производство да го стабилизираме и по можност да го зголемиме. Ќе разговараме за програмата за 2026, за семенскиот материјал, за некаква дополнителна поддршка, со цел овој стратешки производ да го одржуваме бидејќи е многу важен за нашата држава и ова ниво на производство треба да го одржиме. Владата и министерството се партнери на земјоделците, така ќе продолжиме и во наредниот перид, изјави во Прилеп министерот Трипуновски.