Годинава ИФФК „Браќа Манаки“ со филмови од најрелевантните филмски фестивали

Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“ кој ќе почне на 20 септември, годинава во Битола нуди филмови од најрелевантните филмски фестивали.
Според Слаѓан Пенев, селектор на главната фестивалска програма, за фестивалот на кинематограферите од светот, најважна е визуелната естетика.
-Ова е фестивал на кинематограферите и најважна е визуелната естетика. И тоа е првиот критериум според кој ги проценуваме филмовите во текот на 12 месеци помеѓу едно и друго издание на фестивалот. Годинава имаме избор од филмови од најрелевантните филмски фестивали, добитници на награди, на отворањето ќе биде прикажан македонскиот филм „Мајка“ на Теона Стругар Митевска, кој претходно имаше премиера на програмата „Хоризонти“ на филмскиот фестивал во Венеција, а на затворањето ќе биде прикажан македонскиот филм „Диџеј Ахмет“ на Георги М. Унковски, наградуван на голем број фестивали, посочи Пенев.
Во жири комисијата на филмовите од официјалната селекција за златна „Камера 300“ се Денис Ленуар, претседател на жирито, Астрид Хојбрантнер, кинематограферка, Валерио Карузо, директор на веб-страницата „Синеуропа“, Асја Крсмановиќ е босанска сценаристка, драматургинка и истакната програмерка на филмски фестивали и Митко Панов, филмски режисер.
Според востановената традиција, на фестивалот во Битола ќе се додели и наградата Железна „Камера 300“ за која конкурираат документарни филмови.
-Документарниот филм е простор на експериментирање во и со формата, и од тие причини се враќаме на правилото дека во оваа натпреварувачка програма подеднакво внимание заслужуваат филмовите со сите траења, и сите се во конуренција за Железна камера, за која ќе одлучува жирито за најдобар визуелен пристап составено од Лара Виланова, Карла Црнчевиќ и Роберт Јанкулоски, информираа од ИФФК „Браќа Манаки“.