Гневните, разочараните и заборавените ќе ја изберат Гордана за претседател


АЛЕКСАНДАР НИКОЛОСКИ

Имајќи предвид дека на страниците на „Независен весник“ пишувам секоја втора среда и дека до првиот круг на претседателските избори ќе немам друг текст, би сакал да го кажам моето мислење во однос на кампањата и кандидатите. Прво нешто што паѓа во очи е огромната разлика во квалитет. Од една страна е Гордана Силјановска-Давкова која плени со својот квалитет од сите аспекти – стручност, посветеност, елоквенција, јасна визија што сака да прави и како да го направи истото. На другата страна е Стево Пендаровски кај кого изгледа како единствен мотив да е желбата да надомести за претрпениот пораз пред пет години исто така на претседателските избори. Кај него отсуствува подготвеноста, посветеноста и јасната визија што ќе работи.

Исто така, има и една друга разлика која за мене е суштинска. Гордана Силјановска-Давкова е идеалист, а Стево Пендаровски медиокритет кој само се приспособува на наметнатите услови. Тоа е она суштинското што ќе ја определи оваа кампања. Имено, Гордана верува во тоа што го зборува, верува дека со правда и силна правна држава многу нешта може да се решат, поправат и нови решенија да се донесат. Стево само се приспособува на условите во моментот. Старо правило е дека политиката без еден силен идеализам е само менаџирање на дневните потреби. Затоа на политиката ѝ е потребен силен идеализам. Силна идеја која ќе ве води напред кон остварување на она што сте го ветиле пред гласачите. Да, тој идеализам понекогаш може да е и поголем од можностите што со себе ги носи функцијата или човекот што ја добил, но е насоката кон која се стреми политичарот.

Од друга страна, дури и да реши некој да се приспособи на дневните услови, тоа е работа повеќе за влада отколку за претседател. Претседателот мора да е тој кој води, кој ги поставува рамките на политичкиот дискурс, кој дава правец на општеството и на политичкиот живот, кој ја води државата. И затоа мора да има силна идеја која го води. Гордана ја има таа идеја! Идеја за правда за сите нас, правда за Македонија. Во таа насока и третиот кандидат Блерим Река изгледа многу подобро од Пендаровски, затоа што и тој има идеја каде сака да оди државата. Тој зборува за републиката како концепт кон кој треба да се стремиме. И можеби тоа е една од основните причини зашто на анкетите за јавно мислење поминува многу подобро од што се очекуваше.

Овие денови, како дел од кампањата на професорката Гордана Силјановска-Давкова „Правда за Македонија“, ја обиколувам Македонија, одам по села и градови, се среќавам со многу луѓе, зборувам со нив, имам свои обраќања или говори во кои зборувам за нашата идеја за Македонија. Она што можам да го соберам како вкупен впечаток од сите средби е дека како во ниедна претходна кампања во која сум бил дел – граѓаните се гневни! Многу се гневни! Се чувствуваат разочарани, оставени, заборавени. Нема град, помал или поголем, село помало или поголемо во кое ова не го слушам. Зборуваат за огромното разочарување од власта на Заев. Разочарани се од распродажбата на националните интереси, од промената на името, од воведувањето на неуставна двојазичност, но многу повеќе се разочарани од корупцијата која цвета, од економија која пропаѓа, од здравството кое се уништува и образованието кое е на најниско ниво. Многумина размислуваат да заминат, а многу веќе заминале од Македонија. Тоа ми го зборуваат насекаде. Велат се снаоѓа кој како стигне. Тие што имаат бугарски пасоши, кои ги земаат не како што сака да претстави Бугарија туку само од пуста мака да добијат шанса да патуваат и слободно да работат во ЕУ, тие се одамна заминати, сега оди кој како стигне и Македонци, и Албанци, и Турци, и Роми и сите останати. Кој има роднина или пријател кој е надвор оди кај него, кој нема оди сам. Кој има работна виза оди со работна виза, кој нема оди три месеци па се враќа па пак оди, многумина и остануваат со нерегулиран престој. Една тажна слика на пустош и изгубена надеж. Ќе бидам нереален ако кажам дека иселување има само овие три години власт на СДСМ, не, го имаше и претходно, но она што сега е забележливо е дека е во огромен број. И, првпат се јавува втор голем фактор покрај најбитниот- вработувањето и платата.

Првпат мнозинство од граѓаните се решаваат да заминат и покрај тоа што имаат и работа и добар плата. Си одат затоа што не гледаат иднина во Македонија. Тоа е вториот голем фактор кој прв пат се појавува овие три години во така масовен број. Како што велат, си одат заради децата за кои не гледаат иднина овде. Не гледаат иднина пред сè поради лошите услови за живот кои не се поврзани со вработувањето и платата, а тоа се сигурноста, корупцијата, неефикасноста на јавната администрација, катастрофата во здравството и образованието. Со еден збор, си одат затоа што не веруваат дека животот ќе се промени. Си одат затоа што нема правда!

Ова е по мене основната причина на овие избори да се гласа за Гордана Силјановска-Давкова. Со сиот свој изминат труд покажала дека држи до она што ќе го каже и знае да го направи. А, пред сè како претседател треба да ја врати и ќе ја врати правдата во Македонија! Враќањето на правдата ќе реши најголем дел од проблемите поради кои се повеќе граѓани се иселуваат од Македонија. Исто така победата на Гордана ќе значи и пад на оваа неспособна влада која уништи се освен бизнисите на Заеви и нивните блиски. Една нова способна влада од ВМРО-ДПМНЕ со силен и стручен кадровски состав и со лекции научени од минатото ќе се посвети силно на работа и ќе ја има Силјановска-Давкова како најголем коректор со кој заедно ќе ја враќа правдата во Македонија

Затоа, изборот е лесен, но мора да се излезе во голем, во огромен број. Само револт, јад и гнев без искажување на истите на денот на гласање преку глас за Гордана нема да смени ништо, напротив ќе продолжи овој пустош во кој сите си одат освен Заеви, кои се спремни и други да донесат и населат во Македонија како што најави Зоран Заев, само на нив да им е добро. Затоа, на 21 април масовно гневот, неправдата и разочараноста на огромното мнозинство кое Заев и власта го заборавија треба да се преточат во решение – а тоа е глас за Гордана Силјановска-Давкова!

(Авторот е потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ)