Гневните пратеници на Левица направија инцидент во Собранието, му се нафрлија на Мисовски (Видео)
Борислав Крмов и Димитар Апасиев не можеа да се помират со тоа што нивните амандмани на Деловникот нема да се разгледуваат
Прилично лош инцидент се случи денеска во Собранието кога за време на седницата кога се расправаше за новиот Деловник, двјацата пратеници на Левица буквално му се нафрлија на потпретседателот Горан Мисовски фрлајќи кон него со купишта хартија. Борислав Крмов при тоа го искрши и мониторот што е на пултот од каде се претседава со седниците.
Гневот на пратениците на Левица еруптираше затоа што Собранието ги отфрли амандманите на Левица поднесени за измените на Деловникот. Крмов од говорницата луто бараше Мисовски да ја прекине седницата, фрлаше хартии на кои беа напишано околу 1.500 амандмани, го искрши мониторот.
Потоа нему му се придружи и Димитар Апасиев, кој исто така фрлаше купишта хартии кон Мисовски, кој ја водеше седницата. Мисовски остана мирен, избегнувајќи ги хартиите, за потоа да даде 30 минути пауза.
„По член 152 нашите амандмани не се ни доставени, по кој основ се отфрлени, немаат ни архивски број, мора да ја прекинете седницата мора да има ред во ова Собрание. Прекинете ја седницата, ова на ништо не личи“, му викаше Крмов на Мисовски.
„Има ли тука пратеници или ќе правите што сакате, прекинете ја седницата“, бараше Крмов. Потоа нему на говорницата му се придружи Апасиев.
До инцидентот дојде откако 87 пратеници не го прифатија барањето на Левица да се повлече предлог-Деловникот од денешната расправа.Спикерот Талат Џафери, кој потоа влезе во салата, ја прекина сеницата.
Претходно, Џафери, ги фрли во отпад 1.449 амандман поднесени од пратениците на Левица, а кои се однесуваат на измените на собранискиот Деловник. Пратениците со 87 гласа за и 3 против го усвоија дневниот ред во Собранието.
„Поднесени се 2.640 амандмани, 1.461 амандман се од Димитар Апасиев и Борислав Крмов. Од нив 12 амандмани се уредни, останатите се неуредни“, констатираше Џафери.