Главчев се пофали дека Бугарија за првпат добила поддршка од Грција за ставот кон Македонија


Вршителот на должноста премиер на Бугарија, Димитар Главчев,  на сослушувањето во  бугарското Собрание во средата порача дека лично учествувал во процесот на склучување на Договорот за добрососедство во 2017 година, што го потпишаа тогашните премиери Бојко Борисов и Зоран Заев и сега е тажен што мора повторно да зборува на таа тема.

Сослушувањето беше повод за „Медиапул“ да направи анализа на односите меѓу двете земји по најновите случувања кај нас. 

„Договорот воопшто не беше успешен за Бугарија и остана само на хартија, за разлика од сличниот договор меѓу Скопје и Атина, кој доведе до промена на името на нашиот југозападен сосед.Билатералните односи меѓу Бугарија и Северна Македонија пропаднаа за време на владата на ГЕРБ и „Обединети патриоти“ со премиерот Бојко Борисов. Во ноември 2020 година, Софија го блокираше почетокот на преговорите во Скопје за членство во Европската Унија иако имаше зелено светло од другите земји“, потсетува „Медиапул“.

Бугарскиот портал нагласува дека во тоа време Борисов го делегирал прашањето за Северна Македонија на ВМРО, кое го искористи за да развие моќна кампања во нивна корист.

„Лидерот на партијата и тогашен воен министер Красимир Каракачанов ја презеде улогата на министер за надворешни работи и се појавуваше речиси секој ден. ВМРО и антибугарската партија во Северна Македонија сè уште си разменуваат топки со разни провокации, а процесот доведе до зацврстување на ставот на Скопје за идентитетот и јазикот“, потсетува Медиапул.

Според анализата македонско– бугарските односи нагло се влошија последните две години, а кулминираа со новата македонска влада на Мицкоски.

„За разлика од поранешните коалициски партнери на ГЕРБ, ВМРО-ДПМНЕ акумулираше многу позитивности и извојува убедлива изборна победа оваа година, што ја блокираше европската перспектива на Северна Македонија и регионот. По ветото, процесот го врати во рамка владата на Кирил Петков, кога Бугарија успеа да ги доведе билатералните односи на европско ниво. Ова се случи со т.н Француски предлог, кој беше вклучен во преговарачката рамка на Северна Македонија и ги одразува бугарските барања, како што е, на пример, вклучувањето на Бугарите во македонскиот Устав. Одлуката помина со гласовите на ‘Продолжуваме со промената‘, ГЕРБ-СДС, ДПС и ДБ“, пишува „Медиапул“.

„ Досега бугарската влада строго се придржува до ставот потврден со одлуката на Националното собрание од 24 јули 2022 година, со која се дефинираат условите под кои Република Бугарија може да поддржи каков било чекор од процесот на европска интеграција на Република Северна Македонија. Усвојувањето и итно стапување во сила на уставните измени, со кои Бугарите ќе бидат внесени во Уставот со другите народи, е неизбежен предуслов за натамошен напредок во евроинтеграцискиот процес на Скопје“, го пренесува медиумот ставот на Главчев.

Тој потсетил дека нема притисок врз Бугарија за отстапки за Скопје и бугарскиот став го делат и партнерите во ЕУ.

„Не само што нема притисок, туку – ако може да се нарече притисок повикот да се почитуваат договорите – ни се придружуваат и другите земји од ЕУ“, тврдел тој.

Порталот потсетува дека „по 2022 година, наместо да ги регулираат билатералните односи, тие уште повеќе потонаа главно поради кампањите на ВМРО-ДПМНЕ во Северна Македонија, а Бугарија не можеше ефикасно да им се спротивстави“.

Сега, пак, Главчев тврди дека Бугарија доживеала своевиден успех на состанокот на Европскиот совет на 27 и 28 јуни.

„ За прв пат кон нашето мислење се приклучи и Грција, имено грчкиот премиер изјави дека прашањето што го поставил бугарскиот премиер го натерало и тој да изрази мислење дека РСМ не го почитува Договорот од Преспа“, рече Главчев.

„Медиапул“ оценува притоа дека новите политички лидери на Северна Македонија јасно покажале дека ќе продолжат да ја оддалечуваат својата земја од ЕУ, а „мафтањето со прсти“ само ги разгорува непријателствата.