Главчев барал од Мицкоски да се намали говорот на омраза кон Бугарија
Премиерот на техничката влада на Бугарија, Димитар Главчев, разговарал со нашиот премиоер Христијан Мицкоски за време на самитот ЕУ- Западен Балкан што се одржа вчера во Брисел. Ова го соопшти Главчев пред бугарските новинари, посочувајќи дека тој зборувал на бугарски јазик, а Мицкоски самиот да каже на кој.
„Разговараме на секој форум на кој се среќаваме и јас му реков: Ај, малку да ја намалиме острината на говорот, јазикот на омраза не треба да продолжи и прво да почнеме со него“, соопшти Главчев околу средбата.
Околу барањата на Мицкоски за нови преговори околу спроведувањето на уставните измени и гаранциите дека нема да има вета, Главчев рече дека – нема промена во бугарскиот став.
„Нема промена во нашиот став. Но, да почнеме со добрите европски манири и добриот тон што треба да се применува меѓу земја членка и земја кандидат“, порача Главчев за средбата која премиерот Мицкоски и сега, како и првиот пат, не ја спомена воопшто во изјавата од Брисел, ниту пак соопшти било какви детали околу тоа што разговара за прашањето што најмногу ги интересира граѓаните на Македонија.
Инаку, во заклучоците од самитот ЕУ-Западен Балкан стои очекувањето Македонија да го спроведе тоа што го потпишала и да ги испочитува меѓународните договори.
Премиерот Мицкоски денес сѐ уште е во Брисел и учествуваше на самитот на лидерите на Европската народна партија која доживеа политички дебакл во Европа изминатите години и единствени со вистинска политичка тежина меѓу нив се Урсула фон дер Лајен и Доналд Туск.