Гласачите сурово ја казнија ХДЗ

Победата на Милановиќ во првиот круг на изборите во Хрватска се очекуваше, но поразот на кандидатот на ХДЗ е огромен. Тоа е удар за премиерот Пленковиќ


Драган Приморац (лево) освои 400 илјади гласа помалку од Зоран Милановиќ

 

„Гласачите ја казнија ХДЗ, но на избори кои се сметаат за второкласни и во секој случај помалку важни од, на пример, парламентарните избори“, вели Вишеслав Раос, професор на Факултетот за политички науки во коментар за хрваскиот медиум „тпортал“.

„Милановиќ профитираше од сопствената воздржаност во кампања која изгледаше како сите освен него да учествуваат во неа. Да, има замор на гласачите од честите избори, постои и тенденција членовите на ХДЗ да го казнуваат сопственото раководство, а постои и размислување дека Драган Приморац (кандидатот на ХДЗ – н.з.) едноставно не бил автентичен кандидат. Но, ми се чини дека покрај сето тоа, клучно е што Милановиќ привлече дел од десничарските гласови – па, се осмелувам да кажам, дури и дел од претходните гласачи на ХДЗ“, вели Раос.

Со други зборови, тоа што Милановиќ се зацементира како кандидат кој ја покрива суверенистичката приказна и голем дел од гласачите кои не се лево од политичкиот центар, најмногу му користеше, а најмногу ѝ наштети на ХДЗ“,  додава аналитичарот.

Според Раос, партијата на Пленковиќ секако очекувала многу подобар резултат, а освојувањето помалку од 20 проценти од гласовите за неа претставува дебакл, па ќе има големи дискусии за придонесот на организациите на ХДЗ на терен – но на ова ќе му претходи обид за мобилизација за вториот круг од претседателските избори.

„Можеби ќе проценат дека гласачите ќе се демотивираат затоа што ќе сметаат дека овие избори беа однапред решени – но разликата е навистина огромна и не знам за случај кога ова некогаш се случило“, нагласува овој аналитичар.

Раос не очекува дека некој од преостанатите претседателски кандидати во вториот круг дури и декларативно да го поддржи Приморац затоа што, живо вели, „кој би сакал да се качи во возот што губи“?

„Марија Селак-Распудиќ (независен кандидат) очигледно има дополнителни политички амбиции и очигледно околу неа се подготвува нова приказна. Од друга страна, Ивана Кекин (Можеме) постигна резултат кој, земајќи го предвид рејтингот на нејзината партија, можеше да се прогласи за реален – но сигурно можеше да добие повеќе бидејќи имаше големо медиумско внимание, па дури и симпатии на дел од медиуми. Во Загреб таа доби дури и малку помалку гласови од Драган Приморц“, вели Раос.

Според него, одличниот резултат на Милановиќ во првиот круг и очекуваната победа во вториот круг се добар ветер зад него и поттик за консолидација на СДП под новото раководство.

Но, треба да се каже и дека оваа партија е своевидна жртва на Зоран Милановиќ, бидејќи тој со години ги засени своите наследници на чело на СДП и добар дел од својата популарност должи на тоа што стана неформален лидер на опозицијата, односно најдиректен критичар и ривал на премиерот Пленковиќ. Попатно, тој ја мобилизираше јавноста за суверенистички теми, далеку од оние кои вообичаено се сметаат за блиски до социјалдемократијата, нагласува Раос.

Генерално, вели тој, овие претседателски избори од почеток до крај се покажаа како целосно неинтересни и се чини дека сите актери едвај чекаат навистина да завршат – за да можат да се посветат на локалните избори во мај, за кои има интерес на сите нивоа, во партиите и надвор од нив.

Во штабот на ХДЗ по објавувањето на резултатите имаше дури и разочарување зошто Милановиќ не победил уште во првиот круг, затоа што се знае резултатот, а поразот на Приморац може да биде уште поголем.

„Губење време и пари. И да беше помала разликата во процентот на гласови, сепак Милановиќ ќе победи. Вака се плашам од катастрофа. Тоа нема добро да се одрази на имиџот на партијата. Не заборавајте дека наскоро следуваат локални избори. Иако тоа е друга приказна и мобилизацијата на партијата ќе биде многу посилна“, ги пренесува размислувања на некои од членовите на ХДЗ во изборниот штаб.

Многумина сега му префрлаат на премиерот Андреј Пленковиќ, најмоќната личност во земјата, дека згрешил со изборот на Драган Приморац за противкандидат на Милановиќ. Синоќа Пленковиќ едноставно рече: „Што се однесува до Драган Приморaц, тој сакаше да биде кандидат, никој друг од врвот на ХДЗ не сакаше да ја игра таа игра“.

Утрото по големата победа во првиот изборен круг, Зоран Милановиќ се огласи на социјалните мрежи.

„Хрватски народе, граѓани на сите градови и жупании, ви благодарам од сѐ срце. Никогаш не сум ја гледал политиката како средство за приватни цели, туку како повисока мисија и повик. Така ја гледам и чувствувам и денес и верувам дека го препознавте тој жар“, напиша тој на Фејсбук.

Политиколозите Берто Шалај од Факултетот за политички науки и Јаков Жижиќ од Хрватскиот католички универзитет кои ги анализираа резултатите од вчерашните претседателски избори во програмата на Хрватското радио „Во мрежата на Првата“, се согласни за малата веројатност за пресврт во вториот круг.

Да потсетиме, актуелниот претседател и кандидат на СДП Зоран Милановиќ мина во вториот круг со 49,09 отсто гласови и кандидатот на ХДЗ Драган Приморац со 19,35 отсто.

Шалај рече дека резултатите биле очекувани, но дека толку големата разлика меѓу двајцата кандидати е сосема неочекувана – над 400.000 гласови повеќе за Зоран Милановиќ.

„Од таа страна, ова е чиста победа за Зоран Милановиќ – помалку СДП, повеќе Зоран Милановиќ пред сѐ – и пораз на Драган Приморц, но и ХДЗ и Андреј Пленковиќ“, рече Шалај.

„За мене би било големо чудо доколку Драган Приморац успее да го смени овој резултат“, додаде тој.

Шалај рече дека ХДЗ е најсилната и најорганизираната хрватска партија, но дека тешко го мобилизирале своето лојално гласачко тело на овие избори.

Жижиќ рече дека Приморац се покажал како многу слаб кандидат на ХДЗ.

„Мислам дека мораше да има подобар избор за претседателскиот кандидат на ХДЗ“, рече тој.

Тој додаде дека верува оти, на пример, министерот за одбрана Иван Анушиќ ќе постигнеше подобар резултат и ќе го мобилизираше електоратот на ХДЗ повеќе, но дека премиерот и лидер на ХДЗ Андреј Пленковиќ одлучил за нешто што му е сосема удобно и што нема да го загрози негова позиција во партијата.

Шалај рече дека на ХДЗ и на Пленковиќ не им било лесно да изберат кандидат, посочувајќи дека од 2000 година, кандидат од опцијата која ја има власта на национално ниво никогаш не победил на претседателски избори.