Ѓорѓиевски најави уривање на дивоградбите во соработка со сите скопски градоначалници
Ги отстрануваме бесправно изградените објекти – нема повеќе узурпација! – порача денеска скопскиот градоначалник Орце Ѓорѓиевски.
На социјалните мрежи, тој сподели видео од уривање на бесправен објект во кој претходно била сместена бурекџилница.
– Започнавме голема акција за расчистување на бесправно изградените објекти, во тесна соработка со сите скопски општини. Јавните површини им припаѓаат на граѓаните. Тротоарите, пешачките патеки и јавните простори не смеат да бидат заложници на ничиј личен интерес. Повеќе нема компромис кога се во прашање узурпациите што го нарушуваат животот, движењето и безбедноста на нашите сограѓани – бомбастично најавува Ѓорѓиевски.
Тој вели дека акцијата продолжува со силно темпо, а во овој процес „сите сме партнери“.
Ги повика граѓаните на Скопје активно да се вклучат, да пријават објекти што го окупираат заедничкиот простор „и да помогнат да изградиме град во кој владее ред, достоинство и еднаква пристапност за сите“.
Денеска и градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски објави дека урнале бесправен објект во Деар Маало, а истото го снајде и доградениот објект на угостителскиот дуќан „Мечка“, вчера.
Минатата недела пак, и градоначалникот на Аеродром, Дејан Митески го урна објектот на игротеката до ТЦ „Капитол“.
Колку време ќе трае оваа таканаречена акција и дали ќе биде постојана пракса на градските власти останува да видиме. Таа треба да прати порака до сите оние кои во иднина планираат да ги прошират угостителските објекти со тераси, најпрво да побараат дозвола, а потоа да се прошируваат, но секако, не ана сметка на проодноста на јавниот простор наменет за сите граѓани. Секако, оваа активност треба да биде редовна, да се реагира навреме или предвреме, за да не доаѓа до рушење отпосле, на сметка на сопствениците или пак на општината, а никако да се именува како акција.(Б.Б.)