Ѓоргиев: Комисијата не е да го утврдува идентитетот на Гоце Делчев


Професорот Драги Ѓоргиев, ко-претседавач од македонска страна на Мешовитата комисија со Бугарија, вечерва во интервју за телевизијата Сител истакна дека работата на Комисијата не е да го утврдува идентитетот на Гоце Делечев, туку да се постигне договор тој заедно да се чествува. Професорот очекува Комисијата, која беше прекината кон крајот на минатата година, наскоро да продолжи со работа.

„Архивска документација за Гоце Делчев постои. Постојат документи во кои тој се декларирал како Бугарин. Но, постојат и документи во кои Гоце Делчев зборува за Македонци, Македонки, за држава Македонија. Овој спор ќе се реши само ако се напуштат тврдите ставови. Треба да го чествуваме заеднички и да се земат предвид двете перцепции“, истакна професорот Ѓоргиев.

Тој очекува Комисијата наскоро да продолжи со работа и најави дека македонскиот тим ќе се сретне со бугарските колеги на крајот на септември или почетокот на октомври.

Проф. Ѓоргиев објасни дека работата на Комисијата била прекината поради тензијата која се јавила по декларациите усвоени во бугарскиот Парламент и од БАН, со кои се негира македонскиот јазик. Ѓоргиев потенцира дека прашањето за македонскиот јазик не смее да се отвора и тоа не треба да биде предмет на расправа на Комисијата.