ГИГ влегува на пазарот на онлајн игри во земјава


Групацијата „Гејминг Иновејшн Груп“ (ГИГ) со седиште во Малта, која менаџира со софтверот на платформата за онлајн игри ГИГ Кор, порано позната како иГејминг Клауд, влегува на пазарот на интернет игри во земјава преку домашната компанија К.А.К.

Како што објави порталот Интергејмонлајн, предвидено е договорот за деловна соработка меѓу двете компании да биде потпишан во текот на следниот месец и со него ќе и се овозможи на ГИГ да нуди онлајн игри преку казината на К.А.К. Се очекува договорот да стане оперативен во текот на првиот квартал на 2021 година.

Извршниот директор на К.А.К, Огњан Циговски, вели дека ГИГ е позната во индустријата за онлајн игрите како сигурна и доверлива компанија со историја на успешно работење.

– Со нејзина помош, ние ќе се прошириме во новорегулираниот пазар на интернет и веруваме дека со тоа што ќе ги оствариме нашите напори за поврзување на нашите казина во мрежната понуда, што ќе им оди во прилог на нашите сегашни клиенти, а се надеваме дека ќе привлечеме и нови, изјави Циговски.

Првиот човек на ГИГ, Ричард Браун вели дека Северна Македонија има долга историја во сегментот на традиционалните казина и претставува главна туристичка дестинација за игри на среќа во регионот.

– Нашето партнерството со водечкиот бренд во угостителството и забавната индустрија во регионот е одлична можност за ГИГ и со нетрпение очекуваме да помогнеме во растот на малопродажниот успех на Ле Гранд казината преку интернет, додава Браун.

К.А.К е сопственик на „Ле Гранд Казино Скопје“ и „Ле Гранд Казино Битола“, на хотелите „Епинал“ во Битола и „Спорт“, „Бистра“ и „Лоџ“ во Маврово, како и на Ски-центарот „Маврово“.

ГИГ, пак, покрај на Малта, свои подружници има и во Марбела (Шпанија), Осло (Норвешка), Кристијансанд (Норвешка), Гибралтар и Копенхаген (Данска). Компанијата котира на берзите во Осло и Стокхолм.