Германско здружение тужеше американска компанија поради чоколадите Милка: „Ги лажат клиентите“


Германскиот регулатор за заштита на потрошувачите поднесе тужба против американскиот прехранбен гигант Монделез, со образложение дека го намалил пакувањето на чоколадите Милка од 100 на 90 грама, но не и нивната цена. Регионалниот суд во Бремен потврди за новинската агенција ДПА дека тужбата ја поднело здружението за заштита на потрошувачите во Хамбург, кое го обвинува Монделез за нелојална конкуренција и заведување на клиентите.

„Нивната цена е иста или дури и повисока“
„Бројни потрошувачи со години купуваат Милка во исто пакување и претпоставуваат дека тежината на производот не се променила“, рече Армин Валет од здружението. „Тие се жртви на измама бидејќи сега тежат само 90 грама, а нивната цена е иста или дури и повисока“, рече Валет.

Намалувањето е речиси незабележливо, а чоколадото е потенко за милиметар, со ист дизајн и пакување. Новата тежина е прикажана на предната страна од обвивката, но во многу случаи е наведена со мали букви и скриена на полиците во супермаркетите.

Регулаторот бара појасно означување и предупредување до потрошувачите дека пакувањето ќе биде намалено најмалку шест месеци пред промената. Монделез ги отфрли тврдењата на здружението, велејќи дека транспарентноста во комуникацијата со потрошувачите е нивен врвен приоритет.

„Новата тежина е јасно наведена на пакувањето на производот“
„Новата тежина е јасно наведена на пакувањето на производот“, рече портпаролката на компанијата, додавајќи дека Монделез ги информирал клиентите на социјалните медиуми и дека целосен преглед на големините и тежините на достапниот производ онлајн.

„Компанијата немаше друг избор освен да ја промени граматурата поради повисоките трошоци во синџирот на снабдување и повисоките цени на состојките“, додаде портпаролката, истакнувајќи дека цените на какаото речиси се зголемија тројно во изминатата година на рекордни нивоа.

„Судот ќе му даде можност на Монделез да одговори на тужбата пред да одлучи дали да одржи расправа“, рече портпаролката.