Германските компании во Македонија се многу повеќе од работодавачи, вели Антје Ванделт од АХК Северна Македонија


Антје Ванделт, директорката на АХК Северна Македонија, која е дел од мрежата на германските стопански комори во странство, во вели дека применетите технологии и дигитализацијата како двигатели на економскиот развој, не се апстрактна визија за иднината, туку означува развој кој веќе подолго време е реалност и за пазарот Северна Македонија, а ќе биде одлучувачки и за конкурентноста на земјата и во иднина.

„Во овој контекст, германските компании кои инвестираат во Северна Македонија се многу повеќе од работодавачи или компании со производствени капацитети. Тие се двигатели на применетата технологија, на структурираните процеси и на дигиталната зрелост. Германските инвеститори не носат само капитал во земјата, тие носат и стандарди, системи, но и менаџерска култура“, вели Ванделт во њуслетерот на АХК.

Таа посочува дека со автоматизирани процеси, дигитални системи за управување и сè почесто со апликации базирани на вештачка интелигенција, тие поставуваат јасни импулси за поголема ефикасност, повисока продуктивност и меѓународна конкурентност.

„Без разлика дали станува збор за автоматизирани производствени линии, дигитална оптимизација на процесите, апликации поддржани со вештачка интелигенција или современи модели кои имаат примена во областа на човечките ресурси, како и системите на дуално образование, многу од технолошките и организациските напредоци што денес ги гледаме во Северна Македонија носат јасен печат на германските инвеститори“, нагласува Ванделт додавајќи дека германските компании се глобално признати како понудувачи на иновативни технолошки и дигитални решенија и на тој начин поставуваат меѓународни стандарди.

Зборувајќи за дигитализацијата, Ванделт вели дека таа одамна не е само ИТ-тема, туку дека ги менува производствените модели, но го менува и начинот на управување. Истовремено, бара нови квалификациски профили и создава нови очекувања кон корпоративната култура.

„Токму тука се надоврзува Германско-Македонскиот бизнис самит 2026. На 7 мај 2026 година, повторно ќе ги соединиме компаниите, носителите на одлуки и институциите во хотелот DoubleTree by Hilton во Скопје, со цел заеднички да дискутираме на темите: Како технологијата може да се претвори во одржлива економска сила; како Северна Македонија може дополнително да ја зголеми својата конкурентност и да ја зацврсти својата позиција во европските синџири на добавувачи; како да се вклучат и подготват кадрите и да се развие бизнис култура која може да го следи темпото на дигиталната трансформација“, вели Антје Ванделт, дДиректор на АХК Северна Македонија, дел од мрежата на германските стопански комори во странство.