Германскиот животен стандард доживеа најголем пад од Втората светска војна


Енергетската криза предизвикана од руската инвазија на Украина доведе до најголем пад на животниот стандард во Германија.

Тој е најголем од Втората светска војна и падот на производството е споредлив со кризата во 2008 година, истакнаа двајца поранешни економски советници на тамошната влада.

Неуспехот да се заштити германската индустрија од скокот на цените на енергијата може да ги претвори 2020-тите во „изгубена деценија за Германија“ и дополнително да го поттикне подемот на екстремно десничарската партија Алтернатива за Германија (AfD), е заклучокот од работниот документ на двајца економски експерти кои некогаш биле советници на владејачката партија во Германија, а објавени во Форумот за нова економија.

Платите во 2022 година во најголемата европска економија паднаа најмногу од 1950-тите, предупредуваат тие.

Економијата се намали за 0,3 отсто во последниот квартал од 2023 година и се очекува повторно да се намали во првиот квартал на 2024 година. Тоа би значело техничка рецесија.

Мрачна е и прогнозата на Меѓународниот монетарен фонд за 2024 и 2025. Германскиот економски раст во 2024 и 2025 година се очекува да биде помал од која било споредлива напредна економија, освен за Аргентина.

Но, имајќи предвид дека е четврта по големина економија во светот, луѓето во Германија и понатаму заработуваат значително повеќе од светскиот просек. Колку всушност може да се заработи, како се споредуваат германските плати со другите европски земји и какви се разликите во платите по индустрија?

Колку заработуваат Германците?

Во просек, германските вработени заработуваат 51.876 евра бруто годишно (аритметички просек на вработените со полно работно време), или 4.323 евра месечно (бруто), покажуваат податоците на германскиот завод за статистика. Според истражувањето на GfK, просечниот нето приход за цела минатата година бил 26.271 евро.

Но, таквата плата често е недостапна за продавачите, негувателите или оние кои се грижат за деца и млади луѓе.

Вработените во секторот за финансиски услуги и осигурителни услуги заработиле најголема плата во април 2023 година – 5.841 евро (бруто), а потоа следува ИКТ секторот со плата од 5.779 евра. Приходите во јавниот сектор во просек изнесувале 4.323 евра. Во градежништвото, пак, просечната плата била околу 3.600 евра бруто.

Но, во секторот земјоделство, шумарство, рибарство, како и во угостителството, платите се уште се релативно ниски – само околу 2.800 евра.

Јазот во платите меѓу мажите и жените е ист како во 2002 година.

Покрај секторот, на висината на платата во голема мера влијае и полот, но и местото каде што се работи. Дури и повеќе од триесет години по обединувањето на Германија, видлив е диспаритетот на приходите меѓу Западот и Истокот на Германија. Сојузните држави од исток се на дното на рангирањето, а граѓаните имаат највисока просечна плата во Хамбург.

Во просек, жените заработуваат 12,7 отсто помалку од нивните колеги мажи за иста работа, а ситуацијата речиси и не е променета од 2002 година. Според пресметките на онлајн берзата за труд, жените во Германија заработуваат во просек за 5.750 евра помалку од мажите.

Германските плати во споредба со остатокот од Европа

Студијата на GfK од крајот на минатата година, која го зема предвид расположливиот нето приход на Европејците, покажува дека просечната нето плата на жителите во Европа во 2023 година била 17.688 евра на годишно ниво. Највисока плата имаат граѓаните на Лихтенштајн, каде што просечниот жител лани заработил четири пати повеќе од европскиот просек – 68.843 евра. На второ место е Швајцарија со 49.592, а по неа е Луксембург со просечна годишна нето плата од нешто помала од 41.000 евра.

Германија, пак, со просечна годишна плата од 26.271 евро, се најде на деветтото место од 42 земји на европската ранг-листа, зад Ирска, каде платата беше повисока за 600 евра и Австрија, каде што беше повисока за 400 евра.

Севкупно, само 16 земји во 2023 година имале нето приход поголем од европскиот просек, а Шпанија, меѓу другите, била под линијата. Украина и понатаму е на дното со 2.478 евра, што е само 14 отсто од просечната плата во Европа, објави Тпортал.