Германскиот извоз падна втор месец по ред, увозот стагнира
Германскиот извоз повторно падна во септември, втор месец по ред, додека увозот речиси стагнираше, покажа во вторникот извештајот на заводот за статистика Дестатис.
Сезонски прилагодениот извоз на тој начин се лизна за 0,7 отсто во однос на август, на 117,8 милијарди евра. Истовремено, увозот пораснал за 0,1 отсто на 101,6 милијарди евра.
Во август извозот падна за 0,8 отсто на месечно ниво, додека увозот порасна за 2,1 отсто.
Во однос на септември минатата година, извозот е зголемен за 7,1 отсто, а увозот за 12,9 отсто, покажуваат податоците на Дестатис.
Споредено со февруари во пандемиската 2020 година, непосредно пред воведувањето на ограничувањата за корона во Германија, извозот сè уште е помал за 0,3 отсто, додека увозот е зголемен за 7,8 отсто, покажаа сезонски приспособените податоци.
„Тесните грла во понудата го оптоваруваат производството, што пак го попречува извозот“, рече економистот на Банкхаус Лампеа, Александар Кругер, додавајќи дека трендот најверојатно ќе продолжи до крајот на годината.
Надворешно-трговскиот биланс во септември покажа суфицит од 16,2 милијарди евра, а според прилагодените податоци 13,2 милијарди евра, што е значително помалку отколку во периодот пред пандемијата, кога често надминуваше 20 милијарди евра секој месец.
На годишна основа, германскиот извоз во Велика Британија падна за 10 отсто, на 5,7 милијарди евра, а увозот од Британија за 20 отсто, на 2,3 милијарди евра.
Извозот во Кина се намали за 0,2 отсто на 8,5 милијарди евра во однос на септември минатата година, додека извозот во САД скокна за 16,2 отсто, достигнувајќи 10,8 милијарди евра.
„Послабата побарувачка од Кина е исто така загрижувачка. Растот ќе се случи само кога синџирите на снабдување функционираат непречено. Сепак, тоа ќе потрае“, рече Кругер.
Министерството за економија минатиот месец ја намали прогнозата за раст на извозот за оваа година на 8,6 отсто, од 9,2 отсто колку што беше предвидено во април, наведувајќи го „невиден недостиг на интермедијарни производи“ со кои се соочува производствениот сектор.