Германскиот автогигант влегува во електричната ера – испорачани првите возила на батерии


Фолксваген со големо задоцнување им ги испорача своите први автомобили ID.3 на клиентите во Дрезден и Волфсбург. Тоа беше тешко породување.

Но, со испораката на најважниот модел на германската автомобилска група на пазарот, електричниот пресврт конечно може да започне, оценуваат специјализираните медиуми. Според компанијата досега се продадени повеќе од 25.000 возила од прваата серија, која е ограничена на 30.000 автомобили.

Фолксваген оствари важна етапна победа на својот одлучен пат во електричната ера, пишува n-tv.

Успехот или неуспехот на неговата е-стратегија ќе ја определи и позицијата на извршиот директор Херберт Дис во Волфсбург. Шеесетиедногодишникот стави сè на една карта. Огромни суми пари веќе се влеаја во ID.3, компактниот теренец СУВ ID.4 и електричниот Bulli ID. Buzz – во целата група ова ќе изнесува вкупно 33 милијарди евра до 2024 година.

Целта е да се биде лидер на пазарот за електромобилност и да се престигне електричниот пионер Тесла во иднина. Дали е тоа реално? Неодамна имаше загриженост: на ID.3 ссе чекаше подолго време, наместо во текот на летото, тој е достапен дури во септември.

Покрај тоа, новиот електричен автомобил, кој би требало да ја доведе компанијата со седиште во Волфсбург на исто ниво со Тесла, немаше добри критики во специјализираните медиуми. Автомобилот целосно напојуван со батерии воодушевува со неговите возни карактеристики, но има „значителна потреба за подобрувања“ во однос на електрониката. Системот за навигација беше ограничен, а другите интернет услуги воопшто не работеа. Изработката исто така остава многу желби, дури не потсетува ниту на докажани модели како Голф, пишува „Auto Motor Sport“.

Од гледна точка на експертите, ова не го менува фактот дека стратегијата на најголемиот германски производител на автомобили е сепак исправна. Според студијата на автомобилскиот институт Кемниц, Фолксваген го фаќа чекорот кога станува збор за електромобилност. Според пресметките на авторите на студијата, групацијата ќе биде лидер на пазарот во Европа до крајот на 2020 година.