Германски виролог: Пандемијата во Германија е завршена


Најпознатиот германски виролог е оптимист, ако не дојде до мутациски скок во иднина ќе има само мали бранови на коронавирусот SARS-Cov-2. И друг познат германски епидемиолог размислува слично.

Кристијан Дростен смета дека пандемијата на корона вирусот во Германија е завршена.

„Оваа зима со вирусот SARS-CoV-2 го доживуваме првиот ендемски бран. По мое мислење, пандемијата е завршена“, вели вирологот за германскиот весник Tagesspiegel.

По оваа зима, отпорноста и имунитетот на жителите ќе бидат толку големи што вирусот тешко ќе може да се одржи и да се појави во текот на летото. Како единствено ограничување, вирологот ја наведе појавата на нови варијанти и додаде дека не очекува повеќе од тоа.

Дростен претходно ги бранеше мерките за сузбивање на вирусот, велејќи дека никогаш не станувало збор за запирање на пандемијата. Од почетокот беше јасно дека тоа е невозможно.

„Но, ако не беше направено нешто, ќе имаше над милион смртни случаи во Германија, во бројните бранови на епидемијата. Затоа, мораше да се оди кон тој чекор на социјална дистанца и намалување на контактите“, вели епидемиологот.

Кристијан Карагианидис, претседтаел на германското Здружение за интензивна медицина, исто така изјави дека е мала веројатноста низ земјата повторно да се прошири опасна варијанта на вирусот. Одбраната од патогени очигледно функционира добро.

„Гледаме дека сè повеќе се намалува бројот на тешки заболувања, предизвикани од COVID-19. Мислам дека нема да доживееме назадување“, вели Карагианидис.

Институтот Роберт Кох во неделниот извештај пред Божик истакна сега доминираат други заразни болести како што се вируси на грип и вируси кои предизвикуваат респираторни инфекции.

И покрај ваквата ситуација, сепак и понатаму се применуваат бројни мерки за заштита.